Новиот известувач за Северна Македонија, Илхан Кјучук и Дачиан Чолош од групата Обнова на Европа, ќе имаат средби со Џафери и Спасовски
Членови на новиот состав на Европскиот парламент денеска се во посета на Скопје. Попладнево тие ќе имаат средба со претседателот на парламентот Талат Џафери.
Во делегацијата е новиот известувач на ЕП за Северна Македонија Илхан Кјучук од Бугарија, од групата на либералите и демократите. Тој беше во Скопје кон крајот на јануари во рамки на процесот „Жан Моне“.
Во посета на земјава е и Дачиан Чолош, европратеник од Романија, претседател на групата во ЕП (Обнова на Европа), која е наследничка на Сојузот на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ). Европратениците денеска ќе има средби и со техничкиот премиер Оливер Спасовски и со претседателот Стево Пендаровски.
Во делегацијата на ЕП се и советници од групата Обнова на Европа. Нивната посета доаѓа по распишувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април и во период кога е актуелна новата методологија на проширување на ЕУ.
Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, вчера повика на фер и демократски избори, посочувајќи дека има уште работи што земјава треба да ги заврши за добивање почеток на преговорите со Унијата.