Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, пак, го најави почетокот на процесот на зајакнување на внатрешните структури на ЕУ, како подготовка за процесот на проширување, а во исто време предложи постепена интеграција на земјите кандидатки
Северна Македонија е лакмус-тест за кредибилитетот на Европската Унија. Од ставовите на Јункер до оние на Фон дер Лајен од пред неколку дена, можам емпириски да посведочам дека Европа денес е соочена со геополитичко будење, кое треба да обезбеди геостратешка инвестиција во безбедноста на ЕУ, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на министерска конференција посветена на ЕУ-проширувањето во Берлин, каде што присуствува на покана на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Во своето обраќање, министерот се осврна на концептот „Повеќе интеграција пред членство во ЕУ”, како еден од модалитетите како ефективно да фатиме чекор со економиите на земјите членки на ЕУ и да го премостиме јазот што моментално се зголемува наместо да се стеснува.

Воедно, шефот на македонската дипломатија го поздрави уште еднаш Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, претставен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој се дополнува со овој концепт.
Што се однесува до дебатата за потребата од внатрешни реформи со цел земјите да бидат подготвени за прием како нови членки во догледна иднина, Османи рече дека тие треба да се третираат како комплементарни со проширувањето, а не како едната да ја исклучува другата или да биде предуслов.
„По 20 години од Солунската агенда, потребно е да се смени сегашниот бинарен пристап на сѐ или ништо, каде една земја сѐ додека не е членка на Унијата, не е вклучена во политиките или институциите на ЕУ, или нема пристап до фондовите на ЕУ. Наместо тоа, секој кандидат, преку успешно спроведување на реформите и усогласувањето на своите политики со оние на ЕУ, треба да напредува со сопствено темпо преку постепена интеграција,
истакна Османи.
Министерот, како што соопшти МНР, се обрати на првиот дел од конференцијата, заедно со министрите за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на Словенија, Тања Фајон, и на Украина, Дмитро Кулеба.
Министерската конференција, чија цел е размена на мислења во однос на подготвеноста на Унијата за проширување и на идните земји членки за членство во ЕУ, се одржа непосредно пред Европската комисија да го објави својот пакет за проширување заедно со извештаите за земјите, кои ќе дадат препораки за конкретни чекори за кои ќе одлучува Европскиот совет во декември.
Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, пак, го најави почетокот на процесот на зајакнување на внатрешните структури на ЕУ како подготовка за процесот на проширување, а во исто време предложи постепена интеграција на земјите кандидатки.
„ЕУ треба да почне со храбри реформи додека се подготвува да се прошири“,
истакна Бербок.
Таа предложи укинување на сегашниот систем според кој секоја од 27-те земји членки делегира по еден комесар.
„Не може да им се дозволи на Европскиот парламент и на Европската комисија едноставно да растат и растат, да станат уште поголеми. Треба да донесеме храбри, храбри одлуки… на пример, ние сме подготвени да работиме без свој комесар на ограничен временски период“,
посочи Бербок.
Коментарите на Бербок доаѓаат додека дебатата за проширување на ЕУ со Украина и земјите од Западен Балкан се вжештува пред клучниот Самит на ЕУ во Брисел следниот месец.
Германската министерка за надворешни работи предупреди на пристапот или-или кон проширувањето, предлагајќи на земјите кандидати да им се дозволи да присуствуваат на состаноците на Советот на ЕУ пред да станат полноправни членки.
„Треба да се погрижиме луѓето од овие земји, особено младите, да добијат можност да учествуваат во предностите на ЕУ во рана фаза, дури и пред нивната земја да стане полноправна членка“,
додаде таа.
Според неа, тоа може да вклучува студентите од Северна Македонија, Србија и Турција да учествуваат во студентската програма Еразмус, потоа намалување на таксите за роаминг и поедноставување на визните процедури за граѓаните на земјите кандидати.
„Поврзување на средствата од ЕУ со стандардите на владеењето на правото, би требало да биде дел од политиката на ЕУ“,
потенцира Бербок.