Еврокомесарот за трговија Фил Хоган поднесе оставка откако присуствувал на голф-настан каде што не биле испочитувани протоколите за заштита од ковид-19 во однос на ограничувањето на бројот на присутни лица.
Скандалот изби на 19 август, кога беше обелоденето дека Хоган присуствувал на гала вечера во Ирска, на која биле присутни повеќе од дозволениот број лица, како што предвидуваат правилата на ирската влада за заштита од ковид-19. Еден ден претходно, јавува Си-ен-ен, ирската влада ги заостри мерките за заштита од коронавирусот од кои една се однесуваше токму на намалување на бројот на присутни лица на настани во затворено – од 50 на 6.
На настанот присуствувале и други политичари меѓу кои и министерот за земјоделство на Ирска кој си поднесе оставка минатата недела.
Во изјава објавена доцна синоќа, Хоган изрази длабоко жалење за неговото однесување.
„Секогаш се обидував да ги почитувам сите правила за ковид-19 во Ирска и сметав дека ги исполнував сите релевантни здравствени препораки, посебно откако добив потврда за негативен тест на ковид-19. Уште еднаш длабоко му се извинувам на ирскиот народ за моите грешки за време на мојата посета“,
напиша еврокомесарот.
Хоган беше номиниран од страна на ирската влада уште за време на претходниот мандат на Европската комисија, кога ја вршеше функцијата на еврокомесар за земјоделство. Во новата Комисија тој го доби портфолиото трговија, кое игра клучна улога во преговорите за Брегзит.