Земјите-членки на Европската Унија денеска се согласија да укинат дел од ограничувањата за патувања во текот на летото, а целосно вакцинираните туристи ќе бидат ослободени од ПЦР-тестирања или изолација, објави „Ројтерс“. Како што се наведува во објавата, државите се согласиле и да се прошири списокот на европски региони од кои е безбедно да се патува.
„Амбасадорите од 27-те земји членки на ЕУ го одобрија модифицираниот предлог на Европска комисија луѓето кои ја примиле последната доза на вакцина пред 14 дена или повеќе да немаат ограничувања за патување во друга европска земја“,
изјавиле дипломати од актуелното претседателство со ЕУ.
Ограничувањата за другите патници предвидено е да се засноваат на епидемиолошката состојба во земјата од која патуваат. Новата одлука доаѓа откако ЕУ го усвои ковид-сертификатот за патување, кој покажува дали патникот има имунитет поради прележан ковид, дали има негативен тест или е вакциниран. Системот треба да профункционира од 1 јули, иако дел од државите го воведуваат и порано.