„Комисијата веднаш ќе ја зголеми хуманитарна помош предвидена за Газа за 50 милиони евра. Со тоа вкупната сума ќе достигне над 75 милиони евра. Ќе ја продолжиме нашата тесна соработка со ОН и нивните агенции за да се осигураме дека оваа помош ќе стигне до оние на кои им е потребна во Појасот Газа“, изјави претседателката на ЕК, Урсул фон дер Лајен
Европската комисија (ЕК) денеска соопшти дека тројно ќе ја зголеми хуманитарната помош за Газа, откако Европската Унија се соочи со критики за нејзиниот одговор на ситуацијата таму.
За одлуката информираше претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која, исто така, соопшти дека денеска разговарала со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.
„Комисијата веднаш ќе ја зголеми хуманитарна помош предвидена за Газа за 50 милиони евра. Со тоа вкупната сума ќе достигне над 75 милиони евра. Ќе ја продолжиме нашата тесна соработка со ОН и нивните агенции за да се осигураме дека оваа помош ќе стигне до оние на кои им е потребна во Појасот Газа“,
се наведува во соопштението.
Комисијата, како што се додава, го поддржува правото на Израел да се брани од терористите на Хамас, со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право.
„Работиме напорно за да обезбедиме поддршка на невините цивили во Газа во овој контекст“,
вели претседателката на ЕК.
I spoke with @UN SG @antonioguterres following my visit & contacts with regional leaders.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 14, 2023
The EU will be tripling its humanitarian aid for vulnerable civilians in Gaza and the wider region.
We will redouble efforts to ensure this support reaches those who need it.…
Израел, како што потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, ги исклучи водата, струјата и помошта за Појасот Газа, по ненадејниот напад на милитантната група Хамас на израелска територија пред точно една недела, во кој беа убиени 1 300 луѓе.
Вчера Израел им нареди на милион Палестинци да се евакуираат од северниот кон јужниот дел на Газа пред најавената воена офанзива против Хамас.
Според последното соопштение на израелската војска (ИДФ) таа се подготвува за сеопфатна офанзива во која ќе бидат вклучени воздушни, копнени и поморски сили.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска попладне изјави дека „доаѓа нова фаза“ по средбата со воените претставници во јужниот дел на земјата.
На заштита на цивилите во Појасот Газа повика и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен кој денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фејсал бин Фархан.
„Иако Израел има легитимно право да ги штити луѓето и да гарантира дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се случи, исклучително е важно сите да се грижиме за цивилите и да работиме во таа насока“,
рече Блинкен.
Тој изјави дека Вашингтон не барал од Израел да забави или да запре со планот за евакуција.
Американскиот Стејт департмент во меѓувреме потврди дека 29 американски државјани се убиени во нападите на Хамас во Израел.
Во соопштението, од Стејт департментот додаваат дека знаат за уште 15 граѓани и еден постојан жител на САД кои сè уште се водат како исчезнати.