Ваквиот договор се однесува на несуштинските патувања и служи само како водич за земјите од ЕУ, кои сепак го имаат последниот збор за мерките што ќе ги применуваат за влез во нивните територии
ЕУ ќе воведува поостри правила за патниците од земјите кои не се дел од Унијата. Слободен влез ќе се дозволи само за земјите кои имаат мала стапна на зараза со коронавирусот и занемарлив број од новите попреносливи мутации на вирусот.
Ваквите планови на Унијата ги објави „Ројтерс“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Мерките кои се препорачуваат ги договориле амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на состанок во Брисел, а тие ќе се однесуваат и на Велика Британија, која неодамна излезе од ова семејство. Според пишувањата на новинската агенција препораките се да се дозволат неопходните патувања без ограничувања како што е карантинот, но под строги критериуми. Таквите строги критериуми налагаат патникот да доаѓа од земја каде нема повеќе од 25 случаи со ковид-19 на 100 000 жители во текот на изминатите 14 дена, стапка на зараза пониска од која било земја во ЕУ.
Ваквиот договор се однесува на несуштинските патувања и служи само како водич за земјите од ЕУ, кои сепак го имаат последниот збор за мерките што ќе ги применуваат за влез во нивните територии.
Некои земји, како Франција и Германија, веќе ги заострија мерките. Франција реши да ги затвори границите за земјите надвор од ЕУ, а Германија за оние каде се појавија мутации на коронавирусот.