Еввропската Унија ја разгледува можноста за дополнителна помош за земјите од регионот, влучувајќи ја и Македонија, најави евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за Македонско радио.
Посочува дека пакетот од 66 милиони евра за земјава е првична поддршка и дека се разгледуваат и други проекти за помош. Жбогар очекува во наредните недели да пристигне и медицинската опрема од најавената итна помош од ЕУ во вредност од четири милиони евра.
„Преговараме за другиот дел на средствата особено за оние 50 милиони евра кои ги доделивме. Деновиве преговараме со Владата за тоа кој ќе биде најефективниот начин за нивно користење и мислам дека кон крајот на април ќе имаме појасна слика. Потоа, доделивме девет милиони евра за мали и средни претпријатија за да им помогнеме во справувањето со последиците по кризата и, исто така, ќе помогнеме со три милиони евра буџетска помош особено за младите и ранливите категории на граѓани. Европската Унија сега води интерни разговори за можна дополнителна помош за земјите од регионот“,
вели Жбогар во интервју за емисијата „Радиоспектар“.
Евроамбасадорот потенцира дека ако економијата остане парализирана предолго ќе има огромни последици, не само во Македонија туку и ширум Европа. Затоа вели многу е важно да се почитуваат мерките и да се седи дома.
Тој се осврна и на одлуката за почеток на преговори на Македонија со ЕУ и вели тоа е резултат на промените и реформите во земјава, како и на големата поддршка на граѓаните за пристапување кон Унијата и промената на методологијата за пристапување.
„80 отсто од граѓаните ја гледаат нивната иднина во Европската унија, во европското семејство. Се разбира, тоа што е различно од октомври е дека земјите – членки се согласија за нова методологија за водење преговори, за нов начин на подобрување на преговарачкиот процес со цел да стане поефективен за двете страни во иднина“,
наведува евроамбасадорот Жбогар.
Сепак, вели дека поради состојбата со коронавирусот тешко е да се каже кога би почнале преговорите.
„Имавме неколку виртуелни состаноци, но сепак тоа не е исто, особено кога преговарате за толку важен документ каков што е мандатот за преговори или, пак, преговарачка рамка за преговори. Мислам дека ни е потребно да одржиме физички состаноци, а токму поради тоа во овој момент е тешко да се предвиди кога ќе се случи тоа“,
вели Жбогар.