И покрај санираните цевки во првиот блок, од ЕСМ додаваат дека РЕК „Битола“ во моментов работи со два блока поради тоа што на третиот во моментов се вршат зафати за монтажа на новиот трансформатор
Пукнатите цевки во котелот се санирани и сега Блок 1 на РЕК „Битола“ е повторно ставен во функција, информираа попладнево од АД „Електрани на Северна Македонија“ во врска со дефектот поради кој првиот блок на комбинатот од вчера беше во прекин.
Вчера изутрина ЕСМ информира дека во котелот на Блок 1 на РЕК „Битола“ пукнале цевки поради што тој беше исклучен од мрежа. Ниту сервисно-ремонтните активности во блокот, поради кои тој беше исклучен пред една недела, како што посочија од ЕСМ, не можеле да предвидат или да превенираат ситуација како оваа.
Од ЕСМ во денешното соопштение, пак, се наведува дека блокот е ставен во функција денеска околу 15 часот и дека произведува електрична енергија.
„Благодарение на стручноста и ангажманот на вработените во Термоелектраната за нецели 24 часа се санирани пукнатите цевки поради кои блокот вчера утрото мораше да биде исклучен“,
велат од ЕСМ.
Сепак, оттаму додаваат дека РЕК „Битола“ во моментов работи со два блока поради тоа што на третиот во моментов се вршат зафати за монтажа на новиот трансформатор.