Застојот на овој блок, посочуваат од ЕСМ, ќе трае во наредните 24 часа, а утре постројката ќе биде вратена со целосен капацитет на мрежа
Првиот блок на РЕК „Битола“ во моментов е исклучен од мрежа, информираат денеска од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Причината поради која блокот во моментов не е во функција, како што додаваат оттаму, е поради тоа што од утринава се прават сервисно-ремонтни активности на Блокот 1.
Застојот на овој блок, посочуваат од ЕСМ, ќе трае во наредните 24 часа, а утре постројката ќе биде вратена со целосен капацитет на мрежа.
„Снабдувањето со електрична енергија од останатите капацитети на АД ЕСМ продолжува непречено и компанијата не увезува струја за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи“,
наведува ЕСМ во соопштението.
Во однос на домашното производство на струја, Владата информира дека во изминатото деноноќие се произведени 16 679 мегават-часа електрична енергија, што, како што додаваат оттаму, целосно ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.