Ова е второ исклучување на Блокот 1 на РЕК „Битола“ во рок од една недела, кога во него се изведуваа сервисно-ремонтни активности. Ниту сервисирањето поради кое беше исклучен, спред ЕСМ, не можело да превенира ситуација како денешната
Скинати цевки во котелот на постројката е причината што АД „Електрани на Северна Македонија“ ја наведува поради која првиот блок на РЕК „Битола“ утринава е исклучен од мрежа. Ниту сервисно-ремонтните активности во блокот, поради кои тој беше исклучен пред една недела, како што велат од ЕСМ, не можеле да предвидат или да превенираат ситуација како денешната.
„Секој од трите блока на РЕК ‘Битола’ има котел составен од цевки со должина од околу 700 километри, поставени на различни нивоа, низ кои поминува пареа со топлина од над 500 Целзиусови степени. Кон санација на оштетувањето се пристапува откако ќе се создадат физички услови за интервенција“,
велат од АД ЕСМ.
Оттаму додаваат дека во тек е локација на оштетувањата, по што блокот во најбрз можен рок ќе биде саниран и вратен во функција.
Ова е второ исклучување на Блокот 1 на РЕК „Битола“ во рок од една недела. На 27 декември ЕСМ информира дека првиот блок е времено исклучен поради сервисно-ремонтни активности што се прават во него.
Ремонтите и санациите на делови од блоковите, како што посочуваат од ЕСМ, се изведуваат кога ќе се укаже можност за тоа, без притоа да се загрози стабилноста на постројките.