Од ЕСМ велат дека овој договор ќе овозможи заштита на домашниот енергетски систем од недостиг на квалитетен јаглен за производство на струја, како и заштита од неизбежните чести и драстични осцилации на цените на енергентите на меѓународните берзи

Македонија ќе купува јаглен од Косово во наредните три години. Потпишан е стратегиски договор меѓу АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и косовската државна енергетска корпорација KEK со кој, како што соопштија од ЕСМ, се овозможува сигурно и континуирано снабдување со висококвалитетен јаглен.
Според ЕСМ, потпишувањето на договорот следува по интензивни преговори помеѓу двете најголеми државни компании и врз основа на одлука на Владата.
„АД ЕСМ доби концесија во рудникот во Обилиќ и можност за експлоатација на околу три милиони тони јаглен во наредните 36 месеци. Договорот официјално го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани. Партнерството предвидува гарантирана и фиксна цена од 24,4 евра по тон јаглен за времетраење на договорот, со точно дефинирани параметри за квалитет кои ќе бидат основа за купопродажба“,
информираа од АД ЕСМ.
Од компанијата велат дека овој договор ќе овозможи заштита на домашниот енергетски систем од недостиг на квалитетен јаглен за производство на струја, како и заштита од неизбежните чести и драстични осцилации на цените на енергентите на меѓународните берзи.
„Согорувањето на косовскиот јаглен значително ќе ја зголеми ефикасноста на термоелектраните. Ова директно ќе донесе дополнително годишно производство од 800 гигават-часови електрична енергија и приход од околу 57 милиони евра. Финансискиот ефект дополнително ќе се подобри со заштедите од намалената потреба за користење мазут при согорувањето. Воедно, државата ќе оствари и индиректни еколошки придобивки и финансиски заштеди, со годишно намалување на CO2 емисиите за 923 000 тони поради помалку согорен јаглен и за уште 55 980 тони поради намалената употреба на мазут. Имајќи во предвид дека околу 70 отсто од вкупното годишно производство на електрична енергија, во моментов, но и во наредните три години ќе ни доаѓа од термоелектраните, со потпишувањето на договорот, АД ЕСМ обезбедува релативно долгорочна енергетската безбедност и стабилност за граѓаните и за индустријата“,
велат од ЕСМ.
Директорот на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, вели дека најдоцна до крајот на август ќе бие објавен оглас за избор на економски оператор кој за потребите на компанијата, наредните три години ќе ги реализира целокупните услуги за ископ, анализа на квалитет и утовар на јагленот во рудникот во Обилиќ, како и транспорт, шпедиција и истовар на јагленот на депониите во термоелектраните ТЕ „Битола“ и ТЕ „Осломеј“.
