Според ЕСМ Блок 1 во РЕК Битола се враќа на мрежа од понеделник, а до крајот на неделата е планирано стартување на РЕК Осломеј, додека следната недела се вклучуваат ТЕЦ Неготино и Блок 3 на РЕК Битола, со што ќе бидат ставени во функција сите електрани во системот на АД ЕСМ или со кои има договор за деловно-техничка соработка

Новиот трансформатор за Блок 3 на РЕК Битола е на пат од Солун кон граничниот премин Меџитлија. Трансформаторот се изработуваше во фабриката „Астор“ во Турција и се очекува на 22 ноември да биде во РЕК Битола, соопштуваат од АД ЕСМ.
Трансформаторот е тежок 240 тони и од Турција се пренесува со специјална композиција, преку копно низ Турција, бродски до солунското пристаниште и од таму повторно по копно се движи кон крајната дестинација – РЕК Битола.
За композицијата долга 60 метри преземени се специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина.
„Откако трансформаторот ќе пристигне во РЕК Битола, ќе бидат потребни 10-тина дена за негова монтажа и ставање во погон“,
наведуваат од АД ЕСМ.
Овие денови АД Електрани на Северна Македонија соопшти дека Блок 1 во РЕК Битола се санира и од страна на стручните екипи се отстрануваат пречките во делот на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката.
„Застојот е плански изведен за време на викендот поради вообичаено намалениот конзум, а потребите за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи непречено се задоволуваат“,
нагласуваат од ЕСМ.
Според ЕСМ, работниците во РЕК Битола непрекинато и со засилен интензитет ги изведуваат работите за санација на Блок 1, блокот се враќа на мрежа од понеделник, а до крајот на неделата е планирано стартување на РЕК Осломеј, додека следната недела се вклучуваат ТЕЦ Неготино и Блок 3 на РЕК Битола, со што ќе бидат ставени во функција сите електрани во системот на АД ЕСМ или со кои АД ЕСМ има договор за деловно-техничка соработка.
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со електричната енергија во државата, рече дека граѓаните треба да бидат сигурни дека државата ќе има доволно количини на струја.
„Се она што се случува во енергетскиот сектор со јавноста го комуницираме на дневно ниво и затоа ги има сите информации во однос на производството во капацитетите. Во РЕК Битола сега е во функција еден блок, но деноноќно се работи на санација на вториот блок и треба да биде ставен во функција во наредните денови“,
рече Ковачевски.
Дополнително, додаде тој, трансформаторот за третиот блок во РЕК Битола се чека да пристигне од Солун.
„Се надевам дека некаде до 22 овој месец ќе стигне овој трансформатор во РЕК Битола и по неговата монтажа, заедно со овој блок што сега се санира, ќе бидат во функција сите три блока“,
додаде премиерот.
Ковачевски уште еднаш повтори дека во моментот цената на електричната енергија на светските берзи е пониска од производствената цена на електрична енергија во ТЕЦ Неготино заради високата цена на мазутот.
„ТЕЦ Неготино е исклучена и поради тоа што генераторот покажуваше одредени знаци на пречка во работењето. Затоа се искористи овој период за детална проверка и санација на генераторот. За овој период се врши увоз на електрична енергија, но не е нарушен финансискиот баланс за производство или увоз на електрична енергија“,
потенцираше Ковачевски.