Откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди, Комисијата што ги отвори понудите ќе достави предлог до Владата за прифаќање или не за што ќе се расправа на една од наредните владини седници
Компании на државата ЕСМ се единствени кои доставиле понуди на трите јавни повици на Владата за избор на вршители на дејностите: производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.
Со овие јавни повици треба да се избере кој ќе го преземе работењето на компанијата „Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ) која досега снабдуваше дел од Скопје со парно греење, но во јуни годинава Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ѝ ги одзеде лиценците.
- Регулаторна му ја одзеде лиценцата на БЕГ, Владата треба да спроведе постапка за избор на друга компанија
- Одземена лиценцата на БЕГ и за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, Владата треба да избере нова компанија
Отворањето на понудите за трите јавни повици било организирано денеска во Владата од каде соопштија дека:
- На повикот за избор на вршител на енергетската дејност регулирано производство на топлинска енергија е пристигната една понуда од Друштвото за производство на топлинска енергија ЕСМ ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје;
- На повикот за избор на вршител на енергетската дејност дистрибуција е пристигната една понуда од Друштво за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје;
- На повикот за избор на вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија од страна е пристигната една понуда од Друштво за снабдување со топлинска енергија ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје.
Отворањето на понудите го спроведе Комисија составена од претставници на владини институции.
„Откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди, Комисијата ќе достави предлог до Владата, што ќе биде разгледан на една од наредните седници“,
велат од Владата.
За потсетување, АД ЕСМ управуваше со БЕГ минатата зима кога беше прогласена кризна состојба, а дека оваа државна компанија се подготвува да менаџира со топлинската енергија во Скопје најави и директорот Васко Ковачевски откако беа одземени лиценците на БЕГ. Тој во јули годинава најави дека со трите нови компании што ги формираше ЕСМ, ќе конкурираат на повикот за кој денеска беа отворени понудите.
„АД ЕСМ со одлука на Влада и со задолжение на УО веќе формира три нови компании за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија и очекуваме за 15 дена да бидат подготвени за да аплицираат на јавниот повик и да ги добиеме лиценците и во текот на наредната грејна сезона успешно да се справуваме и со испорачување на топлинска енергија за потрошувачите во Градот Скопје“,
изјави Ковачевски во јули годинава.