Соединетите Американски Држави (САД) категорично се противат на можноста за враќање на српските сили на територијата на Косово.

Ова го изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, во интервју за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа на вториот ден од неговата посета на Косово.
Запрашан да ја коментира изјавата на Александар Вучиќ, претседателот на Србија, кој најави дека на 15 декември Белград ќе побара од КФОР да ги врати силите на Косово, Ескобар одговори:
„Ние категорично се спротивставуваме, категорично го отфрламе, воопшто не го поддржуваме. Исто така, сакам да кажам дека Косово има многу солидни безбедносни гаранции од САД“,
рече Ескобар.
На прашањето каква ќе биде реакцијата на САД доколку се случи такво нешто, Ескобар подвлече „Прво, не очекувам такво нешто. Но, второ, Косово има цврсти гаранции од САД, манифестирани преку учество во КФОР“.
Габриел Ескобар пристигна во Косово во време на растечки тензии поради обновените блокади организирани од членовите на таа заедница на патните правци на северот на земјата, која е претежно населена со Срби. Блокадата ја ужива и поддршката на „Српска листа“, водечката партија на косовските Срби.