Во однос на висината на платата за која пилотите се вратени, директорот вели дека не би требало да се разговара за да не се создадат тензии помеѓу другите пилоти

Два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска ќе се вклучат во гаснење на пожарот на планината Серта во Неготинско откако двајцата пензионирани пилоти што управуваат со нив денеска потпишаа договор со кој се ангажирани да управуваат со леталата.
Директорот на ДЗС, Беким Максути, по потпишувањето на договорите рече дека двајцата пилоти веќе се тргнати кон аеродромот и откако ќе поминат процедурите што се потребни пред секој лет тие ќе се упатат на задачата.
„Потпишавме договор со двајцата пилоти и за многу кратко време ќе бидат ангажирани во гаснењето на пожарите во Неготинско. Пилотите се веќе тргнати накај аеродром, треба да поминат некои процедури пред да бидат спремни да летаат и за многу кратко време ќе се вклучат во гаснењето“,
вели Максути за МИА.
Во однос на висината на платата за која пилотите се вратени, директорот вели дека не би требало да се разговара за да не се создадат тензии помеѓу другите пилоти.
„Мислам дека тоа не би требало да е предмет сега, бидејќи создаваме тензии помеѓу другите пилоти. Она што е битно е дека тие се ангажирани, потпишан е договор со нив, вратена е оперативноста од страна на авиоодделението и тие од денеска се активни во гаснење на пожари“,
додава Максути.
Тој додаде дека договорот е потпишан за до крајот на годинава, а по истекот останува Владата да одлучи бидејќи е потребно порамнување на платите на ниво на држава.
„Договорот е потпишан до крајот на оваа година, понатаму што ќе одлучи Владата ќе видиме. Има забрани за нови конкурси, значи штом имаме можност да ги обновивме конкурсите за примање на нови пилоти, ќе го направиме тоа и ќе видиме дали ќе има заинтересирани. Пред се, треба да биде регулиран нивниот статус во однос на примањата, потребно е порамнување на платите на ниво на држава. Тоа е се уште проблем, бидејќи треба на повисоко ниво да се решава“,
вели Максути.
Минатиот месец Максути рече дека за враќање на двајцата обучени пилоти, ДЗС бара од Министерството за финансии плата во висина од 300 илјади денари бидејќи работното место пилот во ДЗС со плата од 72 000 денари е неатрактивно.
Двајцата пилоти повторно се ангажирани откако вчера владата донесе одлука согласно предлогот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗР).
За проблемот со немањето пилоти за „ертракторите“ директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, реагираше уште пред неполн месец. Тој дека освен хеликоптерите на МВР и АРМ на располагање во гаснењето на пожарите се и три „ертрактори“ во сопственост на Дирекцијата за заштита и спасување, но оти тие се нефункционални поради пензионирањето на двајца пилоти. За проблемот, како што рече, уште пред три до четири месеци била известена тогашната техничка влада во заминување.