Според Ангелов, сега како држава сме недоволно подготвени за справување со летните шумски пожари, но Ангелов очекува за десетина дена ситуацијата драстично да се промени
Државата располага со четири функционални хеликоптери за гаснење пожари, од кои три се во рамки на МВР и еден на Армијата, како и три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување – ДЗС, но тие во овој момент се нефункционални. Причина за тоа е што двајца пилоти заминале во пензија, а има само еден активен пилот и во таква ситуација авионите не смее да летаат, информира денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
За овој проблем, како што рече Ангелов, уште пред два или три месеци е побарано од Владата во заминување да дозволи пензионираните пилоти да бидат ангажирани со договор на дело и да се користат ова лето.
„За жал, поминати се два или три месеци од ова барање, нема позитивен одговор од владата во заминување. Оптимист сум и се надевам дека следната влада на една од своите први седници веднаш ќе даде дозвола за ангажман на пензионираните пилоти и веднаш на тој начин трите ’ертрактори’ ќе бидат функционални“,
рече Ангелов на денешната прес-конференција.
Според него, сега како држава сме недоволно подготвени за справување со летните шумски пожари, но, Ангелов очекува за десетина дена ситуацијата драстично да се промени.
„За максимум десет дена ќе бидеме драстично повеќе подготвени, бидејќи верувам дека веднаш по формирањето, владата ќе помогне да бидат ставени во функција трите ’ертрактори’ и ќе биде решен проблемот на ЈП ’Македонски шуми’“,
изјави Ангелов.
Ангелов, образложувајќи ги ресурсите со кои располага земјата за гаснење пожари, рече дека во ситуација кога нè очекува топло и жешко лето, на ниво на државата има 938 пожарникари, но, како што рече, таа бројка е многу мала и додаде дека недостасуваат уште 670 пожарникари.
Најалармантна е состојбата во скопската противпожарна единица, вели Ангелов, каде што секојдневно имаат голем број интервенции, а недостасуваат пожарникари.
Директорот на ЦУК упати апел до градоначалниците за кога ќе примаат пожарникари, тие да бидат млади луѓе, што се здрави и што може да одговорат на гаснењето на пожарот. Во овој момент, рече Ангелов, просечната старост на пожарникарите е 42,5 години.
Освен ова, друг проблем со кој се соочува системот за справување со пожари е тоа што ЈП „Национални шуми“ има блокирана сметка и не може да обезбеди гориво за нивните возила и поради тоа не може да се смета на нив.
„Од нив добивме известување дека не може да сметаме на нивните противпожарни екипи кои имаат обврска да дадат прв одговор при гаснење на пожари во шуми. Оптимист сум и мислам дека на првите седници на Влада нивната сметка ќе биде одблокирана за да може да сметаме на нивните тимови кои се десеткувани и се далеку од она што треба да бидат пополнети по закон“,
рече Ангелов.
Од опрема за гаснење пожари на ниво на држава, Ангелов рече дека располагаме со 105 цистерни со сопствени пумпи за гаснење, 33 автоцистерни, кои носат вода, но немаат сопствени пумпи, понатаму имаме 49 противпожарни теренски возила за гаснење пожари во шума и непристапни терени, како и 54 класични теренски возила со пумпи, 11 теренски возила, шест командни возила, две возила за превоз на луѓе и опрема и 191 пумпа.
Тој исто така посочи оти на ниво на држава располагаме со 629 заштитни опреми, што е помалку од бројот на пожарникари и што укажува на тоа дека некои пожарникари одат на интервенција без соодветна опрема.
Ангелов, исто така, повика за разумно користење на воздухопловите за гаснење пожари, укажувајќи дека сите имаат одреден број часови на летање, по што мора да поминат сервис и да не се доведе државата во ситуација поради интервенирање на помали пожари, да нема на располагање воздухоплови за гаснење пожари кога тоа ќе биде вистински потребно.
Забраната за движење во шуми, според Ангелов, треба да е последна алатка за справување со пожарите. Според него, има многу малку податоци за граѓани кои предизвикале пожар, додека најголемиот дел од пожарите се од земјоделците кои палат стрништа.
„Палењето стрништа кај нас е традиција и најголемиот дел од пожарите доаѓаат од тоа. Треба да размислиме дали ќе ги зголемиме казните и ќе ги гониме земјоделците или ќе најдеме начин како што во поранешниот систем имало во еден период кога земјоделците што палат стрништа се должни да информираат од колку до колку часот ќе палат“,
додаде Ангелов.
Тој очекува дека во периодот што следува ќе дојде до зголемување на бројот на пожари зашто земјоделците ќе почнат да ги палат остатоците од житните култури.