Едно од првите жаришта на ковид-19 во земјава беше Дебар заедно со соседната Општина Центар Жупа. Таму од почетокот на епидемијата досега се направени 1 200 теста на сомнителни случаи или во просек по седум дневно.
Единствениот епидемиолог таму, д-р Ментор Меља за МИА вели дека над 500 од сите тестови се направени во втората фаза од болеста, од 5 јуни.
„Од досега направените тестирања, заклучно со вчерашниот ден, позитивни на вирусот биле 242 лица, од кои 191 во втората фаза. Она што посебно сакам да го нагласам е фактот дека споредено со првата, во втората фаза и старосната граница на заразените е пониска, бидејќи меѓу заразените имаше лица на возраст од 20 до 35 години, како и три бебиња од три, шест и дванаесет месеци“,
рече Меља, кој е раководител на дебарската Работна единица на Центарот за јавно здравје, која со својата активност ги покрива општините Дебар и Центар Жупа.
Друга негативна карактеристика во втората фаза, рече Меља, е тоа што заразени има речиси од сите населени места. Споредено со првата фаза, кога од 51 заразен само двајца беа од селото Баланци во општина Центар Жупа, а сите останати од градот Дебар, во втората фаза коронавирусот е присутен и во селските населени места во двете општини.
„Кога се врати болеста повторно, првиот случај потврден на 5 јуни беше во селото Долно Косоврасти. Сега го има и во Броштица, Папрадник, Могорче, Џепиште. Деновиве регистрани се и првите случаи на заразени во неколку села во областа Горна Жупа, каде досега немаше ниту еден случај“,
посочи Меља.
Како единствен епидемиолог, кој неуморно и максимално е ангажиран во изминатите шест месеци, не го крие разочарувањето од своите сограѓани во однос на непочитувањето на мерките, од што последица е и ширењето на болеста.
