Хотелот „Саратога“ има историско значење за Куба, тој е изграден во неокласичен стил, а по падот на Советскиот Сојуз беше реконструиран од британска компанија, по што се сметаше за место каде престојуваа владини претставници и познати личности
Експлозијата во еден од најпознатите кубански хотели „Сарагота“ во центарот на главниот град Хавана однесе најмалку осум жртви, а најмалку 25 се повредени и однесени во болница, говорат првичните информации споделени од очевидци и од кубанските државни медиуми.
Претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел, говорејќи од местото на катастрофата, на кубанската државна телевизија рече дека експлозијата не била предизвикана од бомба и оти, најверојатно, причина е истекување на гас.
Според државната телевизија, пренесува „Ројтерс“, хотелот бил затворен и во моментот на експлозијата внатре имало само работници.
Областа околу хотелот е блокирана од полицијата, а на местото на настанот има спасувачки екипи, лекари и медицински сестри, како и љубопитни набљудувачи.
Хотелот „Саратога“ има историско значење за Куба, тој е изграден во неокласичен стил, а по падот на Советскиот Сојуз беше реконструиран од британска компанија, по што се сметаше за место каде престојуваат владини претставници и познати личности. Со изградбата на нови атрактивни хотели во Хавана, тој загуби од „својот сјај“ и рејтинг, но остана да биде место со пет ѕвездички.