Првичните информации од експертите, како што додаде, укажуваат дека можеби ќе биде потребно хиперхлорирање на системот, со цел цевководот во краток период да се доведе во нормална состојба за да може водата првично да се користи како техничка вода, а понатаму и како вода за пиење
На новинарско прашање дали градоначалникот на Општина Гостивар е повикан од страна на истражните органи, министерот рече дека со него е извршен разговор во насока на утврдување на фактичката состојба
Експертски тимови од скопското Јавно претпријатие „Водовод и канализација“ од попладнево се наоѓаат во Гостивар, со цел да ја утврдат состојбата со водоснабдителниот систем и да помогнат во враќање на нормалното снабдување со вода, рече на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по посетата на гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, а на која присуствуваа и министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски и владината портпаролка Марија Митева.
Посочи дека веднаш по одлуката на Владата за прогласување кризна состојба во Гостивар, стапил во контакт со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со барање за случајот да се ангажираат експертски тимови од скопски „Водовод“.

„Тие веќе се во Гостивар и ја констатираат фактичката состојба од аспект на моменталниот квалитет на водата. Ќе се земат мостри од повеќе точки, а ќе се направи и проценка на поставеноста на хидросистемот во рамки на Општина Гостивар“,
рече тој.
Според него, целта е во најкус можен рок да се утврди состојбата и да се преземат мерки за враќање на системот во функција – најпрво за техничка употреба, а потоа и за обезбедување вода со соодветен квалитет за пиење.
„По завршувањето на испитувањата и анализите, во текот на утрешниот ден јавноста ќе биде информирана за квалитетот на водата и за мерките што ќе ги предложат експертите“,
вели министерот.
Првичните информации од експертите, како што додаде, укажуваат дека можеби ќе биде потребно хиперхлорирање на системот, со цел цевководот во краток период да се доведе во нормална состојба за да може водата првично да се користи како техничка вода, а понатаму и како вода за пиење.
Посочи дека она што е важно граѓаните да ги почитуваат препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и во овој момент водата од градскиот водовод да не се користи ниту за пиење, ниту за други намени, вклучително и бањање или техничка употреба.
„Такви се препораките и ценам дека граѓаните треба да ги почитуваат, со цел да можеме најбрзо да излеземе од овој хаос што го констатиравме деновиве“,
кажа Тошковски.
На новинарско прашање дали градоначалникот на Општина Гостивар е повикан од страна на истражните органи, министерот рече дека со него е извршен разговор во насока на утврдување на фактичката состојба.
„Ќе постапуваме во координација со Јавното обвинителство за секој следен чекор, како во однос на евентуалната одговорност согласно Кривичниот законик, така и во однос на ставање во нормална функција на водоснабдителниот систем“,
вели Тошковски.
Порача дека државата нема да ја остави Општината сама да се справува со проблемот и дека целта е што побрзо да се надмине кризата.
„Државата донесе одлука за прогласување кризна состојба за да одговори на предизвикот. Сега сме тука заедно со граѓаните на Гостивар да најдеме решение и што поскоро да го отстраниме проблемот“,
рече тој.
Претходно тој рече дека Општина Гостивар ќе мора да се вклучи во целиот процес за нормализирање на состојбата со водоснабдувањето.
Одговарајќи на новинарско прашање околу соработката со локалните власти, но и дали ќе има проширување на истрагата за одговорноста на други лица за загадувањето на водата во Гостивар, министерот рече дека досега утврдената состојба укажува на одговорност кај општинските органи.
„Факт е дека заклучно со денеска, целиот овој хаос е одговорност на Општина Гостивар и на органите во рамки на општината. Поради нивна неможност, државата донесе одлука да се вклучи и максимално брзо да го расчисти овој хаос“,
додаде министерот.
Владина делегација во состав на министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски и владината портпаролка Марија Митева попладнево ја посетија ЈЗУ Општа болница „Ферид Мурад“ Општина Гостивар.
Владата на денешната седница прогласи 30-дневна кризна состојба во Гостивар поради новонастанатата ситуација со водата за пиење во градот, чии анализи утврдија дека е загадена и не може да се употребува за ниту една намена.
Целта на прогласената кризна состојба, велат од Владата, е побрза институционална координација, ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок.
