Според него, органите во состав на Општина Гостивар се должни максимално да се вклучат во процесот, додавајќи дека разговарал и со градоначалникот на Гостивар во насока на утврдување на фактичката состојба
Во однос на можноста предметот да го преземе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како и прашањата поврзани со надзорот и пуштањето во употреба на новиот водовод, министерот рече дека надлежноста ќе зависи од утврдените факти
Општина Гостивар ќе мора да се вклучи во целиот процес за нормализирање на состојбата со водоснабдувањето, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по посетата на гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“.

Одговарајќи на новинарско прашање околу соработката со локалните власти, но и дали ќе инма проширување на истрагата за одговорноста на други лица за загадувањето на водата во Гостивар, министерот рече дека досега утврдената состојба укажува на одговорност кај општинските органи.
„Факт е дека заклучно со денеска, целиот овој хаос е одговорност на Општина Гостивар и на органите во рамки на општината. Поради нивна неможност, државата донесе одлука да се вклучи и максимално брзо да го расчисти овој хаос“,
рече тој.
Според него, органите во состав на Општина Гостивар се должни максимално да се вклучат во процесот, како и дека на состанокот во Одделението за внатрешни работи (ОВР) Гостивар ќе бидат повикани сите лица и институции кои можат да придонесат за решавање на проблемот.
Посочи дека разговарал со градоначалникот на Гостивар во насока на утврдување на фактичката состојба.
„Ќе постапуваме во соработка со Јавното обвинителство за секој следен чекор, како во однос на евентуална одговорност согласно Кривичниот законик, така и за ставање во нормална функција на водоснабдувачкиот систем“,
кажа Тошковски.
Во однос на можноста предметот да го преземе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како и прашањата поврзани со надзорот и пуштањето во употреба на новиот водовод, Тошковски посочи дека надлежноста ќе зависи од утврдените факти.
„Доколку се утврдат елементи за надлежност на ОЈО ГOKК, тоа е нивна обврска да постапуваат. Во однос на надзорот, во овој момент не би можел да споделам информации. Да ги оставиме експертите да ја завршат својата работа на терен“,
изјави министерот при денешната посета на Гостивар.
Надлежните државни институции, според него, ќе продолжат со спроведување на сите неопходни мерки за надминување на кризата, а граѓаните навремено ќе бидат информирани за сите следни чекори, со цел што поскоро нормализирање на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар.
Владина делегација во состав на министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски и владината портпаролка Марија Митева попладнево ја посетија ЈЗУ Општа болница „Ферид Мурад“ Општина Гостивар.
Владата на денешната седница прогласи 30-дневна кризна состојба во Гостивар поради новонастанатата ситуација со водата за пиење во градот, чии анализи утврдија дека е загадена и не може да се употребува за ниту една намена.
Целта на прогласената кризна состојба, велат од Владата, е побрза институционална координација, ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок.
