Европската комисија денеска преку писмено соопштение упати остра осуда на вербалните напади и говорот на омраза на социјалните мрежи кон дописничката на МИА од Брисел Тања Милевска, кон која беа упатени и закани по живот.
„Слободата на медиумите е камен темелник на демократијата и е во ДНК-то на Европа. Демократијата не може да функционира без слободни и независни медиуми, а почитувањето на слободата на изразување е од суштинско значење. Секој напад врз новинарите е неприфатлив и треба да биде осуден. Новинарите треба да бидат во можност да ја работат својата работа ослободени од насилство, вознемирување и заплашување“,
се вели во реакцијата од ЕК.
Од ЕК очекуваат дека институциите ќе ги истражат сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинарите.
Претходно, Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираа на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку Твитер до Милевска.
„Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик, со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат“,
посочија од ЗНМ, ССНМ и СЕММ.