Според него, одмаздата е барање на целата нација и таа сигурно ќе се реализира
Изјавата од Техеран доаѓа неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Иран ќе биде целосно уништен доколку се обиде да го убие
Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, изјави дека мора да биде спроведена одмазда за убиството на неговиот татко и претходник на функцијата, ајатолахот Али Хамнеи, пренесува Си-ен-ен.

Во соопштението објавено преку државната новинска агенција „Фарс“, Хамнеи вели дека одмаздата е барање на целата нација и дека таа сигурно ќе се реализира.
„Се колнеме дека ќе ја одмаздиме крвта на маченичкиот лидер и на сите маченици од овие две војни против криминалците и посрамените убијци“,
се наведува во пораката.
Според соопштението, исполнувањето на ветувањето за одмазда не зависи од актуелниот лидер или од други државни функционери, како и дека тоа ќе се случи во соодветен момент.
Изјавата од Техеран доаѓа неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Иран ќе биде целосно уништен доколку се обиде да го убие.
Претходно, израелски разузнавачки извори ја информираа администрацијата на Трамп за наводни закани за атентат врз американскиот претседател.
Според дел од американски и израелски извори, станува збор за закани поврзани со одредени тврдокорни кругови во Иран, иако американски воени претставници велат дека нема конкретни докази за нов заговор за убиство на Трамп.
Моџтаба Хамнеи, кој ја презеде функцијата врховен лидер на Иран по убиството на неговиот татко, досега нема јавно појавување и не присуствуваше на погребните церемонии.
Се смета дека е повреден во нападот во кој беа убиени неговиот татко, мајка и сопруга, а оттогаш комуницира преку писмени соопштенија без јавно да го покаже лицето или гласот.
