Галички младоженец е Александар Пендароски, а невеста е Мартина Михајлова
Годинава се одбележуваат 35 години од првата современа Галичка свадба, одржана во 1991 година, кога биле венчани родителите на младоженецот. Со нивното учество, семејната традиција продолжува и во новата генерација
Во Галичник денеска, на празникот Петровден, се одржува завршниот ден од традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба 2026“, која и годинава привлече бројни посетители од земјава и странство.
Присутните имаат можност да бидат дел од единствената свадбена традиција, препознатлива по автентичните мијачки обичаи, народните носии, изворните песни и ора.

Годинашни галички младоженци се Александар Пендароски и Мартина Михајлова.
Овогодинешното издание има и посебна симболика, бидејќи се одбележуваат 35 години од првата современа Галичка свадба, одржана во 1991 година, кога биле венчани родителите на младоженецот. Со нивното учество, семејната традиција продолжува и во новата генерација.
Денешната програма е посветена на свадбените ритуали и венчавањето на младенците.
Ќе бидат изведени традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“, „гледање низ прстен“, „тргнување по невеста“, дарувањето и другите свадбарски обичаи.
Црковниот чин ќе се одржи во храмот „Св. Петар и Павле“, по што манифестацијата ќе заврши со традиционалното испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Главните свадбарски обичаи се одржани вчера, кога беа изведени „китење на ситото“, „замесување на сваќата“, пречекот на тапаните, китењето и поставувањето на свадбарскиот бајрак, симболичното „фрлање три пушки“, како и свекрвиното и невестинското оро. На платото кај чешмата „Упија“ ансамблот „Танец“ го изведе традиционалното „Тешкото“, а вечерта невестата, придружувана од свадбарите, го реализира обичајот на полнење вода од трите галички чешми.
Манифестацијата започна во петокот, на 10 јули, со културно-забавна програма. Организатор е Месната заедница „Галичник“, покровител е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а институционална поддршка обезбедува Министерството за култура и туризам, заедно со повеќе компании и пријатели на Галичник.
Целата програма на „Галичка свадба 2026“ се емитува преку видеоекран поставен на централното плато во селото, како и во живо на социјалните мрежи, овозможувајќи ја да ја следат и оние кои не се присутни во Галичник.
За време на манифестацијата во сила е посебен сообраќаен режим, а организаторите апелираат посетителите одговорно да ја проследат прославата, да не управуваат возило доколку консумираат алкохол и да придонесат за зачувување на природата и чистотата на Галичник.
