Видеата се во траење од петнаесетина минути и се придружени со презентација од воспитувач
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека е во функција делот за предучилишно образование на националната платформа за е-учење „Едуино“, која е подготвена во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и со други партнери.
„’Едуино’ е едукативна платформа наменета за сите воспитувачи и родители на која може да се најдат, користат и да се преземат материјали, игри и активности за деца на возраст од 3 до 6 години. Платформата обезбедува соодветни содржини за учење базирано на игра во воспитно-образовните институции – градинки/центри за ран детски развој, како и во домот со родителите, за да се осигури квалитетна едукација и забава за најмладите“.
се наведува во соопштението на МТСП.
Оваа платформа нуди видеа со разработени воспитно-образовни содржини за децата на предучилишна возраст од 3 до 6 години. Видеата се во траење од петнаесетина минути и се придружени со презентација и нарација/објаснување од воспитувач. Досега се поставени над 150 видеа на македонски и на албански јазик, соопшти МТСП.
Во иднина сите воспитувачи и родители на оваа платформа ќе може да најдат и преземат материјали, игри и активности подготвени за деца од 3 до 6 години.
Дигиталната платформа со видеоматеријали и активности за учење преку игра е достапна на www.eduino.gov.mk.