Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција рече дека причина за заострување на мерките се најновите тенденции, кои покажуваат дека британскиот сој на вирусот зема сѐ поголем замав – расте бројот на заразени, на починати, а се зголемува и притисокот врз болниците
Полицискиот час од утре па во следните 14 дена ќе почнува од 20 часот и ќе трае до 5 часот наутро, се забранува работата на сите угостителски објекти, освен за онлајн и телефонски нарачки, обложувачниците ќе работат само преку штанд и пулт, а во рестораните во хотелите, мотелите, хостелите и другите сместувачки капацитети ќе можат да доаѓаат само оние што се сместени таму, нема да работат ниту фитнес-центрите и спортските сали, се забрануваат семинари, обуки и конференции, а оние што имаат домашни миленичиња ќе можат да ги изнесат надвор еден час, од 22 до 23 часот, и тоа најмногу 100 метри од местото на живеење.
Мерките за угостителските објекти, фитнес-центрите, спортските сали и обложувачниците ќе стапат во сила в среда, 7 април, и ќе траат до 20 април.
Исклучок остануваат угостителските објекти во двата аеродроми.
Лицата што во периодот на полицискиот час ќе бидат на вакцинација ќе можат да се вратат до дома, а дозвола за движење ќе им биде потврдата за имунизација, додека земјоделците што се движат од нивите до пазарите и обратно ќе имаат дозволи како и претходно.
Од другите мерки, останува и строгата забрана за групирање на повеќе од четири лица.
Овие мерки ги усвои Владата на денешната седница по препорака на здравствените власти.
Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција рече дека причина за заострување на мерките се најновите тенденции, кои покажуваат дека британскиот сој на вирусот зема сѐ поголем замав – расте бројот на заразени, на починати, а се зголемува и притисокот врз болниците, каков што досега немало кај нас од почетокот на пандемијата пред една година.