По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од полицијата
Двајца лекари од Клиничката болница во Штип вчера физички се пресметале во операциона сала, информираат од Секторот за внатрешни работи Штип. Настанот кај нив бил пријавен во 12:45 часот.
„На 5 февруари во 12:45 часот во СВР Штип, Н. Т. од Штип пријавил дека на работното место во операциона сала во Клиничка болница – Штип бил физички нападнат од неговиот колега З. Ш., на што возвратил“,
се вели во писменото соопштение од СВР – Штип.
Во него се наведува дека по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Како што информираат од штипската болница, против двајцата лекари веќе е поведена дисциплинска постапка.
„Во текот на вчерашниот ден 05.02.2025 година околу 12:30 часот во работните простории на Клиничка болница – Штип дојде до нарушување на работниот ред со физичка пресметка помеѓу двајца вработени. Во текот на денешниот ден, од страна на надлежните од болницата случајот е пријавен во СВР – Штип и е поведена дисциплинска постапка за двајцата вработени“,
се вели во соопштението од Клиничка болница – Штип.
Во него се наведува дека за сите понатамошни постапувања јавноста дополнително ќе биде известена.