Кога истражувачите од „Астра Зенека“ кон крајот на ноември добија лажни мејлови со понуди за работа, веднаш стана јасно дека станува збор за сајбер – напад
Развојот на која било вакцина е долга и тешка процедура, но затоа сајбер-шпионажата е брза и евтина. Затоа, не е изненадувачки се поголемиот број извештаи за сајбер напади врз компаниите кои работат на вакцините против ковид.
Дојче Веле во анализата ги објаснува сите вакви препреки со кои се соочуваат компаниите додека паралелно се во трката за што побрзо да се најде решение за вирусот кој стана глобална закана за човештвото.
Кога истражувачите од „Астра Зенека“ кон крајот на ноември добија лажни мејлови со понуди за работа, веднаш стана јасно дека станува збор за сајбер – напад.
Хакери ставиле вирус во електронската пошта, за да се инфилтрираат во базата на податоци од истражувањата и испитувањата на вакцините против ковид-19.
Агенцијата Ројтерс објави дека методите користени во е-поштата укажувале дека се работи за Северна Кореја.
Голем ризик од насочени напади
Експертите предупредија дека оние што сакаат брзо да профитираат од истражувачката работа на другите, воопшто не размислуваат дали да направат индустриска шпионажа. Инцидентот во „Астра Зенека“ го покажува степенот на ризикот.
На интерен блог во средината на ноември, менаџер на „Мајкрософт“ објави извештаи за сајбер напади врз седум развивачи на вакцини во Канада, Франција, Индија, Јужна Кореја и САД. Сомнежите се дека зад нападите стојат хакери од Русија и Северна Кореја, кои наводно биле поврзани со нивните влади.
Во октомври, американската компанија за сајбер – безбедност „Краудстрајк“ објави информација за напад врз јапонски лаборатории, вперувајќи го прстот кон Кина.
Уште во јули годинава, тајните служби на САД, Канада и Велика Британија објавија заедничка декларација, обвинувајќи ги руските хакери за нападите врз развивачите на вакцини против ковид-19. Националниот центар за сајбер безбедност на Обединетото Кралство откри дека групата работела под назнаката АПТ 29 (напредна постојана закана), позната и како „Питома мечка“. Групата „речиси сигурно“ била поврзана со руското разузнавање и имала намера да украде информации и интелектуална сопственост.
Вакцините против САРС-КоВ-2 станаа приоритет за фармацевтската индустрија овие денови – со тоа што бројот на ресурси инвестирани во нивниот развој е неспоредлив со ниету една инвестиција во историјата. Тоа е затоа што светската економија зависи од достапноста на вакцина која може да ја заузда пандемијата, факт што најдобро го илустрира еуфоричната реакција од берзите кон неодамнешните вести за успешноста на вакцините на „Фајзер“ и „Бионтек“.
Шефот на британската дипломатија Доминик Рааб изјави дека е „апсолутно сигурен“ во тврдењата од Велика Британија и нејзините сојузници дека целта на руските хакерски напади се лаборатории кои вршат истражување на коронавируси, оценувајќи го однесувањето како „безобразно кое заслужува осуда“.
„Сосема е неприфатливо руските разузнавачки служби да бидат насочени кон оние кои работат во борба против пандемијата од коронавирусот. Додека некои себично ги гледаат само своите интереси со несовесно однесување, Велика Британија и нејзините сојузници продолжуваат со напорната работа за наоѓање вакцина и заштита на глобалното здравје“,
изјави тогаш Рааб.
Русија, во меѓувреме, ги отфрли обвинувањата.
Мико Хипонен, фински експерт за компјутерска безбедност вели дека не е изненадувачки што тајните служби стојат зад индустриската шпионажа.
„Нивната мисија е да ја бранат својата нација од напади. Во таа смисла, не е изненадувачки што гледаме државни разузнавачки агенции кои се обидуваат да остварат предност, што ќе им помогне да ја одбранат својата нација од пандемија“,
вели тој за ДВ.
Пред неколку дена, меѓународната полициска организација Интерпол предупреди дека меѓународната мрежа на организиран криминал може да се насочи кон новите вакцини против ковид-19 и да се обиде да вметне во продажба лажни, фалсификувани вакцини.
Предупредувањето се однесува и на можни обиди преку глобалната интернет-мрежа да се најдат понуди за лажни терапии кои можат да го загрозат здравјето и животот на луѓето.