Според првичните, неофицијални податоци од првите четири дена од надзорот, е забележано одредено намалување на цените на овошјето и зеленчукот
Засега, како што рече, нема основа за интервенција во однос на цените на прехранбените производи, но додаде дека состојбата континуирано се следи и доколку се оцени дека има потреба ќе се преземат мерки, вклучително и можност за намалување на ДДВ
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од 10 до 20 мај спроведува контроли во сите синџири маркети, а доколку се утврди зголемување на маржите ќе бидат преземени соодветни мерки, соопшти денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

На терен, како што информира, се ангажирани 30 тима, а според првичните неофицијални податоци од првите четири дена од надзорот, е забележано одредено намалување на цените на овошјето и зеленчукот.
Дурмиши истакна дека засега нема основа за интервенција во однос на цените на прехранбените производи, но дека состојбата континуирано се следи и доколку се оцени дека има потреба ќе се преземат мерки, вклучително и можност за намалување на ДДВ.
Појасни дека ограничување на цените се применува само кога ќе се утврди зголемување на трговските маржи и додаде дека минатиот месец имало раст на цените, но и намалување на маржите од страна на трговците.
„Немаме основа по која би постапиле. Ќе ја анализираме ситуацијата до крајот на месецот. Може да го намалиме ДДВ за прехранбените производи. Како што реагиравме во делот на горивата така може да реагираме и во овој сегмент. Нашите контроли се вршат врз маржите што ги ставаат производителите, трговците и дистрибутерите. Ако видиме дека во вакви услови на криза и неизвесност се однесуваат девијантно и ги зголемуваат маржите, ќе реагираме со соодветни мерки, како што реагиравме минатиот пат, со административните мерки што ни се на располагање“,
изјави Дурмиши.
Министерството, како што додаде, континуирано ја следи состојбата и ќе продолжи со мерки за стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните.
Државата, вели тој, е увозно зависна, особено во делот на прехранбените производи, што значи дека цените во голема мера зависат од земјите од кои се увезува.
Појасни и дека државата не ги одредува цените на увозните производи ниту трговците, туку тие се формираат на меѓународните пазари, додека контролите се насочени кон проверка на маржите.
„Ние контролираме дали е зголемена маржата. Имаме можност, во рамките на законот, да постапуваме со соодветни механизми доколку се утврди нејзино зголемување кај производителите, трговците и дистрибутерите“,
истакна Дурмиши додавајќи дека досега се изречени и казни.
Во однос на инфлацијата, тој рече дека растот не е специфичен само за земјава, туку е присутен и во повеќе европски држави.
„Во Романија инфлацијата е 9 отсто, во Бугарија 6,2, во Хрватска 4,6 отсто. Инфлацијата е зголемена и во други земји. Кај нас е до пет отсто, но се справуваме и реагираме соодветно“,
додаде министерот.
Во таа насока е и објавената мерка за кофинансирање на занаетчиите и малите и средни претпријатија, со цел зголемување на продуктивноста и домашното производство.
