Демократската унија за интеграција во соопштение до јавноста реагира за разрешувањето на д-р Арбен Зибери од директорката функција во Центарот за јавно здравје Скопје.
Одлуката за разрешување на нивниот кандидат за пратеник ја оценија како политичка одмазда и го обвинија министерот Филипче дека со политичко постапување го загрозува јавното здравје.
„Демократската унија за интеграција остро го осудува постапувањето пресметано врз дневна политичка цел, одмазда и во функција на парламентарните избори, на министерот за Здравство Венко Филипче против директорот на Институтот за јавно здравје во Скопје, Арбен Зибери. Ова политичко постапување на Филипче директно го загрозува здравјето на граѓаните и главната институција во борбата против ковид-19 и загрозува илјадници граѓани“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Оттаму обвинуваат дека разрешувањето на Зибери има политичка заднина и е насочено против кандидатурата на неговиот чичко, Насер Зибери, за прв премиер Албанец.
„Кандидатурата на Насер Зибери за прв премиер Албанец им го замагли видот и умот на политичките опоненти кои не избираат средства за борба против еден Албанец на чело на институциите и на Владата, и по цена на загрозување на јавното здравје на граѓаните. Овој недоличен, брутален и популистички акт со елементи на етничко влијание и политичка одмазда е порака за сите Албанци, за целата Албанска дијаспора и за сите други граѓани. Ова постапување е неприфатливо бидејќи е мотивирано против семејството на албанскиот кандидат за премиер, затоа казната за овие антиалбански постапки на 15 јули ќе ја дадат граѓаните на ова земја“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Зибери, кој беше разрешен откако се пофали дека издејствувал Комисијата за заразни болести да предложи отворање на границите со цел да се вратат иселениците и да гласаат на изборите за премиер Албанец, во изјава за „360 степени“ денеска обвини дека Филипче почнал кампања за одмазда и му го ограничил правото на изразување.
Филипче, пак, на денешната прес-конференција ги отфрли наводите дека одлуката за разрешувањето на Зибери е со политичка заднина и посочи дека тој со неговата изјава, го поткопал угледот на членовите на Комисијата за заразни болести.