Од опозициската партија потенцираат дека вината за случајот во Кочани треба да се бара онаму каде што треба, а не таму, како што велат, каде што е невозможно да постои вина и причинско-последична врска со трагедијата
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) смета дека истрагата на Јавното обвинителство и кривичните пријави против инволвираните во постапката за трагедијата во Кочани предизвикуваат сериозна загриженост поради избегнување неколку клучни аспекти, кои, според ДУИ, се свесно изоставени или намерно ограничени.

Во оваа смисла, партијата вели дека неопходно е да се покрене прашањето за улогата и одговорноста на Управата за јавни приходи (УЈП) во целиот случај.
„Според информации објавени од истражувачките стории на медиумите, кабарето ‘Пулс’ било официјално затворено и пломбирано од УЈП во втората половина на декември 2024 година, поради утврдени прекршувања поврзани со неиздавање на фискални сметки. Сепак, и покрај тоа што фирмата што ја управувала дискотеката, ‘ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани’, имала блокирана сметка уште од јули 2024 година, истата повторно започнала со работа многу брзо, без никакви институционални пречки или законски санкции. Неповлекувањето на одлуката за забрана за работа односно недозволувањето за вршење на работа, би значело дека кабарето немаше да биде активно подолг период, а со тоа веројатно ни за време на кобната ноќ“,
велат од ДУИ.
Ова, според опозициската партија, отвора сериозни правни и политички прашања во врска со повторното отворање на дискотеката во вакви околности, како и за тоа кој имал влијание врз таквата одлука.
„Јавноста со право бара одговори на сомнежите дека повторното отворање било резултат на политички притисок од страна на член во актуелната влада. Ако овие сомнежи се покажат како основани, тогаш тоа претставува директен атак врз владеењето на правото и демонстрира политичка интервенција во независноста на институциите. Оттука се поставува прашањето дали токму овој политички притисок е причината поради која Обвинителството и полицијата свесно ја игнорираат оваа линија на истрага и ја штитат по секоја цена? Ваквите наводи упатуваат на можна злоупотреба на службената положба и политичко влијание врз институционалните процеси, што повлекува и потенцијална кривична одговорност на сите инволвирани страни“,
додаваат од партијата на Али Ахмети.
Во оваа смисла од ДУИ потенцираат дека вината треба да се бара онаму каде што треба, а не таму, како што велат, каде што е невозможно да постои вина и причинско-последична врска со трагедијата.