Имаме план, имаме некои информации кои не би сакал јавно да ги споделувам, ги имаме лоцирано луѓето кои заговараат ваков тип на сценарија. Нивната сметка, што јавна, што тајна, е со повеќе од седум цифри во евра и нормално дека сакаат таа сметка да ја заштитат со манипулирање со чувствата на граѓаните, рече премиерот
На почетокот на месецов, премиерот во интервју за неделникот „Фокус“ а потоа и на заедничка прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти соопшти дека Владата располага со информации добиени од повеќе канали дека ова раководство на Демократската унија за интеграција во обид да го заштити капиталот што го создавале изминатите 20 години ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата – денеска, на новинарско прашање Мицкоски ги повтори наводите.
Вели, сега располагаат со дополнителни информации околу планот на ДУИ, според кој партијата се обидува да анимира критична маса во соседството која би ги поддржала на тие протести, но Мицкоски вели дека доколку има насилство, државата и институциите ќе одговорат соодветно за да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.
„Тоа е наша обврска и тоа ќе го сториме. Имаме план, имаме некои информации кои не би сакал јавно да ги споделувам, ги имаме лоцирано луѓето кои заговараат ваков тип на сценарија. Нивната сметка, што јавна, што тајна, е со повеќе од седум цифри во евра и нормално дека сакаат таа сметка да ја заштитат со манипулирање со чувствата на граѓаните. Но јас верувам во моите сограѓани Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми дека ние сите сакаме да живееме во една мирна заедничка просперитена татковина и да ги поддржуваме политиките кои носат просперитет, а не политиките кои носат криминалитет“,
соопшти Мицкоски.
Тој обвини дека ДУИ како партија станала фактор за дестабилизација во регионот и во Македонија, и порача дека како Влада ќе се борат против политички криминалци и измамници оти во земјава мора да владее правото и Македонија да биде правна држава.
„Одѕивот кој што е на терен, од тоа што ние го имамаме како информација, е многу лош, кактастрофално лош, бидејќи граѓаните се свесни дека поединци кои што заговараат таков тип сценарија од голтари во политиката станаа милионери и сфаќаат дека тие не се кредибилни за да можат да ги анимираат граѓаните за да излезат на таков тип на протести. Бидејќи тие сакаат да го штитат капиталот кој што го стекнале во овие 20 години, не дека навистина имаат некаква реална потреба од такво нешто“,
вели Мицкоски.
Покрај Мицкоски, претходно и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека ова раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) веќе наесен може да преземе чекори за дестабилизација на државата, но дека граѓаните не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во Македонија оти Министерството за внатрешни работи (МВР) и останатите надлежни институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности.
„Точно е дека постојат информации кои се во насока на тоа што го говори премиерот. Јавноста треба да биде запознаена со сите факти што се во нејзин интерес, а ова е едно од тие прашања“,
рече тој.
По изјавите на премиерот Мицкоски, „360 Степени“ на петти август испрати прашања до кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во однос на тоа дали планира да го свика советот за безбедност по информациите кои беа споделени од каде ни одговорија мошне кусо:
„Почитувани, одговорот на вашето прашање е: не“.