„Нормално дека ќе бидат вознемирени, нормално дека ќе гледаат да реагираат. Сето тоа би било нормално доколку го прават во рамки на едни демократски механизми, во делот на протести. Но, не е нормално доколку нивната крајна цел е токму дестабилизација на државата“, вели министерот за внатрешни работи
И министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тврди дека ова раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) веќе наесен може да преземе чекори за дестабилизација на државата, онака како што вчера соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Тошковски во гостување на ТВ Канал 5 рече дека граѓаните не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во Македонија оти Министерството за внатрешни работи (МВР) и останатите надлежни институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности.
„Точно е дека постојат информации кои се во насока на тоа што го говори премиерот. Јавноста треба да биде запознаена со сите факти што се во нејзин интерес, а ова е едно од тие прашања“,
рече тој.
На новинарското прашање дали може да открие повеќе детали за тоа што се подготвува, дали станува збор за истите структури за кои премиерот посочува уште во предизборието дека циркулираат во неколку скопски општини, министерот посочи дека е тешко за некој што бил 20 години на власт да прифати да биде опозиција, особено ако зад себе има огромни индиции, што секојдневно стигаат до институциите, во насока на сторен криминал.
„Криминал што душмански бил насочен кон грабеж на државата. Нормално дека ќе бидат вознемирени, нормално дека ќе гледаат да реагираат. Сето тоа би било нормално доколку го прават во рамки на едни демократски механизми, во делот на протести. Но, не е нормално доколку нивната крајна цел е токму дестабилизација на државата“,
рече тој.
Сето она што во рамки на нивната надлежност ќе биде преземено, вели Тошковски, нема да биде онака како што тие го правеле во насока за заташкување на одредена проблематика, туку исклучиво во насока на расветлување на фактичката состојба, односно дека секој треба да одговара пред законите.
На прашањето дали за ваквите индиции на ДУИ разговарале со коалицискиот партнер „Вреди“, министерот вели дека за нив како власт целта е да го создадат системот, зашто тој бил уништен, не само во делот со справување со криминалот, туку на сите нивоа во општеството.
„За нас како власт тотално е неважно дали станува збор за член на политичка партија, за член на невладина организација, човек или, пак, правно лице што никако не е поврзано со никако. Нас нѐ интересира како да создадеме систем. Целта на оваа влада е да го создаде системот, зашто системот бил уништен, не само во делот на спаравување ос криминалот или организираниот криминал. Тоа го гледаме и во делот на пожарите и во делот на здравството и образованието. Секој еден сегмет во рамки на општеството е унипштем. Ние треба моментално да ја возбновиме државата во насока на нормалност и во насока на одговорно и чесно работење. Тоа не е буцни прачка – пиј вино процес што треба да го направиме. Тоа ќе е тешко, но затоа ја добивме поддршката и очекувањата се големи“,
веели министерот.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека имаат информации добиени од повеќе канали дека ова раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата.
Според тие информации, премиерот рече дека очекуваат тоа да се случи оваа есен.
„Ние како влада имаме целосно право да ги браниме територијалниот суверенитет, интегритетот и мирот на граѓаните. Тоа е и целта на една држава. Врз основа на тие информации што ги имаме очекуваме тоа да се случи оваа есен. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни“,
рече тој.
Премиерот во интервјуто за „Фокус“ објавено викендов првпат изјави дека ДУИ со своето однесување ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава, а дека како влада ќе ги преземат сите неоходни мерки да го заштитат суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава.