Од партијата упатуваат апел до меѓународните институции внимателно да ја следат оваа состојба и да реагираат на „континуираното лизгање на Северна Македонија кон авторитаризам и целосна заробеност на државата“
По неотповикливата оставка што денеска од функцијата претседателка на Судскиот совет ја поднесе Весна Дамева, реагираа од опозициската ДУИ, од каде велат дека станува збор за уште еден драматичен момент кој ја одразува алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите.

Оттаму велат дека личните напади, политичките притисоци и јавните манипулации, што Дамева ги наведе во образложението на оставката, се јасен одраз на нелегитимната и неодговорна власт, која, како што додаваат од партијата, не запира во обидите да го прошири своето влијание врз секој сегмент од државата.
„Оваа влада не само што не успеа да обезбеди праведен и независен судски систем, туку ги користи сите средства за да ги уценува и дискредитира оние кои не се подготвени да се покорат пред политичките притисоци. Кога високи функционери на правосудството, задолжени за заштита на правото и правдата, јавно се уценуваат, пораката е јасна: во оваа држава, независноста на институциите стана непријател на власта“,
велат од ДУИ.
Од партијата најостро ги осудуваат, како што велат, политичките напади врз Дамева и бруталните интервенции врз интегритетот на Судскиот совет.
Ваквите напади велат од ДУИ, не се само личен напад врз еден поединец, туку и обид за парализирање на целиот судски систем, со што се поткопуваат сите напори за реални реформи и независна правда.
Оттаму упатуваат апел до меѓународните институции внимателно да ја следат оваа состојба и да реагираат на „континуираното лизгање на Северна Македонија кон авторитаризам и целосна заробеност на државата“.
Дамева одлуката дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата ја соопшти во јавно обраќање преку медиумите во кое ги наведе причините за нејзиното повлекување, притоа наведувајќи дека во изминатиот период, а особено во последните месеци, од страна на одредени политичари, од собраниска говорница се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет.
Во таа насока, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Кратко по нејзиното обраќање, Судскиот совет за денеска попладне закажа итна седница на која прва точка е констатирање престанок на функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија поради неотповиклива оставка, а втора избор на нов претседател.