Оттаму им порачуваат на интегративците дека политичките неуспеси, оркестираната корупција и незаконското богатење не можат да го покријат со пропагадни изјави, купување експертиза ниту, пак, со создавање политички ситуации
По секоја средба во Мала Речица може да се потврди еден заклучок – ДУИ е исплашена до срж, велат од коалицијата „Вреди“ коментирајќи го вчерашниот состанок на Централното претседателство на партијата на Али Ахмети.
Од коалицијата на поранешните опозициски партии на Албанците, кои сега се дел од власта, во писменото соопштение наведуваат дека е тажно колку раководството на „тазе опозицијата“ ДУИ е „одлепено“ од реалноста и на чесното членство му продаваат магла дека се некакви визионери, а всушност се уплашени од тоа што следува.
„Како и во секоја криза што ја доживеа, ДУИ ја има вообичаената тенденција да го користи Охридскиот договор како параван за криминал и неуспеси. Оваа навика на ДУИ сега е јасно читлива. Секогаш кога ќе кажат ‘Охридски договор’ и ‘легитимитет’ значат дефокусирање за да се избегнат темите за корупциски скандали и одговорност за време на 22-годишниот режим“,
велат од „Вреди“.
Среќа во несреќа, посочуваат од коалицијата, е што Албанците веќе се свесни за оваа манипулација и ја отежнуваат старата реторика на ДУИ.
„Затоа и откако увидоа дека нивните лажни тези за одбрана на Охридскиот рамковен договор немаат поддршка кај Албанците почнаа да негираат дестабилизација. Оние кои избегнаа од етничката конкуренцијата и преминаа на граѓанскиот концепт, сега залудно леат крокодилски солзи и се обидуваат да ги уништат гласовите од различни етнички припадности и да ја контестираат волјата на 107 илјади Албанци, за заштита на нивните ситни лични и партиски интереси“,
наведуваат од „Вреди“ во соопштението.
Оттаму им порачуваат на интегративците дека политичките неуспеси, оркестираната корупција и незаконското богатење не можат да го покријат со пропагадни изјави, купување експертиза ниту, пак, со создавање политички ситуации.
Народот разбра дека со изјави за ЕУ ги штитите вашите фотелји и џебови, а сега со изјави за легитимитет штитите функционери потопени во корупција да се соочат со правдата. Време е да се реформираат и да се искористи опозицијата за да се направат кадровски, програмски и прагматични реформи. Картата од Охридскиот договор не ви одминува. Одговорноста е неизбежна“,
порачуваат од коалицијата „Вреди“.
Инаку, теми на вчерашниот состанок на Централното претседателство на ДУИ, како што изјави пред неговиот почеток, портпаролот на партијата, Арбер Адеми биле организирање на прослава за одбележување на годишнината на Охридскиот рамковен договор и дискусија околу нацрт-предлозите на американскиот експерт Пол Вилијамс кого интегративиците го ангажира за прецизирање на законско или уставно решение на т.н. Мајски договор, односно озаконување на меѓупартиското коалицирање по принципот „победник со победник“.
„Ангажиран е авторот на Охридскиот мировен договор за да даде предлози бидејќи имаме различно толкување, за жал, на Охридскиот мировен договор, иако таму јасно е прецизирано што значи праведна застапеност, тоа не значи да се почитува само при вработување во институциите, туку и во процесот на донесување одлуки треба да има праведна застапеност. Се соочуваме со ситуација во која ние водиме битка кој е подобар пред граѓаните, што подобра понуда да понуди пред граѓаните, победуваш, те оценуваат граѓаните дека си најдобар и на крај некој друг одлучува иако си победил. И заради тоа е оваа политичка акција од страна на Демократската унија за интеграција и на ‘Европскиот фронт’ за правно санкционирање на почитувањето на меѓуетничкиот легитимите“,
рече Адеми во изјава за ТВ Сител.
Околу изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ДУИ се подготвува да ја дестабилизира државата и дека тоа се очекува да се случи наесен, Адеми го повтори партискиот став дека тие се државотворна политичка партија која е гарант за мирот, стабилноста и европската иднина на државата, но меѓу редови не ја исклучи можноста од протести наесен.
„И протестите се демократски начин на изразување на политичката волја и не треба некој на тоа да гледа како на нешто лошо дека се подготвува. Но, за такви чекори сè уште не сме се определиле како партија“,
рече Адеми.
Тој изјави дека и претходно се соочиле со слични ситуации каде што нивните иницијативи наидувале на скептицизам, но секогаш успевале бидејќи аргументите биле на нивна страна.
„И овој пат сум убеден дека ќе успееме“,
изјави портпаролот на ДУИ, прашан што доколку нивните барања не бидат прифатени.