ДУИ сака со дестабилизација да се спаси од одговорноста за криминалот што го правела – обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Од Демократската унија за интеграции одговараат – стравот од целосен меѓународен ветинг кај моноетничката влада не се покрива со небулозни соопштенија
Темата за наводните информации дека ДУИ оваа есен може да преземе чекори за дестабилизација на земјата, која ја отвори премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата во понеделникот, и денеска беше тема на меѓупартиски препукувања помеѓу ВМРО-ДПМНЕ од една страна и опозициската ДУИ од друга.
Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека во ДУИ планираат дестабилизација за да се спасат од одговорност за криминалот што го правеле и дека не можат да се помират со тоа што веќе не се владејачка партија поради што нивните блиски повеќе не можат да вртат милионски бизниси на грбот на земјата.
„Додека народот врзуваше крај со крај, синот на Муса Џафери тргуваше струја, а МЕПСО на него и на неколку други фирми им отпиша долг од 14 милиони евра. Додека народот се иселуваше, внуците на Али Ахмети ја преземаа ‘Соравија’, влегуваа во бизнисот со струја и во рудници. Додека народот се чудеше како да преживее од први до први, Артан Груби договараше подизведувачи по патиштата“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека партијата на Ахмети не работела ниту за Албанците ниту за Македонците, туку за одредени луѓе кои очигледно им ја киднапирале партијата, па затоа сега кај нив постои страв бидејќи ќе бидат соочени со одговорност за сè што правеле во минатото.
„Обидите за дестабилизација се последните крици за спас на една криминална гарнитура и заштита на криминално стекнатите милиони“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ, пак, утринава соопштија дека страв постои, но не кај нив, туку кај политичките партии од, како што велат, моноетничката влада која сè уште не побарала целосен ветинг од меѓународната заедница, иако ДУИ го побара тоа пред три дена.
„Стравот од целосен ветинг не се покрива со небулозни соопштенија.Јасно е дека секое доцнење во овој процес само ќе ги засили сомнежите на граѓаните за вистинската посветеност кон борбата против корупцијата“,
велат од ДУИ.
Дополнително, се вели дека како партија ДУИ бара веднаш да започне меѓународно мониториран ветинг за секој политичар во последните триесет години, а овој процес да биде транспарентен и независен за да се обезбеди правда и доверливост.
Портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на вчерашниот состанок на Централното претседателство на партијата, кој се одржа во седиштето на партијата во Мала Речица, во однос на обвинувањата за дестабилизација и протести рече дека протестите се демократски начин на изразување на политичката волја и не треба некој на тоа да гледа како на нешто лошо дека се подготвува, но и дека за такви чекори тие сè уште не се определиле како политичка партија.