Од партијата го повикаа шефот на државата да ги каже вистинските мотиви за непотпишувањето на законот за игри на среќа, но и кој, како што велат, го поттикнал да оди против волјата на граѓаните и пратениците
Откако кажа дека не го потпишал указот на законот за игри на среќа бидејќи бил донесен во скратена постапка и со европско знаменце, што е спротивно на укажувањата на Европската Унија, Демократската унија за интеграција (ДУИ) го обвини претседателот Стево Пендаровски за двојни стандарди бидејќи претходно го потпишал указот за измените во Кривичниот законик кои, исто така, беа донесени со европско знаменце и покрај противењето на ЕУ.

„Приказната за реакцијата на Европската Унија за европското знаме е петкратен стандард на Пендаровски. Пендаровски го потпиша спорниот Кривичен законик со европско знаме и покрај масовните оспорувања на земјите членки на ЕУ, закон кој ги пропадна речиси сите случаи на Специјалното обвинителство“,
се вели, меѓу другото, во реакцијата на ДУИ.
Од партијата го повикаа Пендаровски да ги каже вистинските мотиви за непотпишувањето на законот за игри на среќа, но и кој, како што велат, го поттикнал да оди против волјата на граѓаните и пратениците.
Со непотпишувањето на законот за игри на среќа, со кој, меѓу другото, обложувачниците и казината требаше да се дислоцираат на минимум 500 метри од училиштата, според ДУИ, Пендаровски ја изневерил довербата која му ја дале граѓаните и пратениците.
„Уште пожално е образложението дека европското знаме било ‘злоупотребено’ за усвојување на законот и дека немал забелешки за содржината туку само за процедурата. Отстранување на казината бараат сите граѓани – Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Босанци и сите други, особено со благослов на мајките дека ‘ги спасувате нашите деца’, но и граѓанското општество“,
пишува ДУИ во партиското соопштение.
Реакцијата на ДУИ следува откако шефот на државата не стави потпис на законот за игри на среќа, а како причина за таквиот потег го наведе носењето на законските измени во скратена постапка, спротивно на укажувањата на ЕУ.