Останатиот дел од надзорот, кој се заснова на епидемиолошката анкета, ќе го даде ИЈЗ
Државниот санитарен и здравствен инспекторат не констатирал никакви отстапки во однос на преземените мерки на Клиниката за нефрологија, во врска со случајот на повеќе заразени со коронавирус.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат е во секојдневен контакт со директорката и менаџерскиот тим на Клиниката за нефрологија. Улогата што ја има ДСЗИ овде е да ги исконтролира дали има состанок одржано Комисијата за интерхоспитални инфекции и што има преземено. Останатото е да се издадат решенија на позитивните и на контактите. ДСЗИ е во контакт и со Центарот за јавно здравје и се координираме и ги контролираме постапките на Клиниката за нефрологија во однос на насоките што ќе ги добијат“,
изјави директорката Иринка Сотирова-Бухова, на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Таа потенцира дека според записниците на Комисијата за интерхоспитални инфекции, ДСЗИ нема забелешки, меѓутоа останатиот дел од надзорот, кој се заснова на епидемиолошката анкета, ќе го даде ИЈЗ.
На крајот на минатиот месец од Клиниката објавија дека 22 здравствени работници оттаму се позитивни на коронавирусот, од кои 9 лекари, 8 медицински сестри, 3 болничари, еден лаборант и еден психолог, а меѓу заразените е и директорката на Клиниката, Ирена Бушлетиќ.