Општините и Градот Скопје, пак, добија препораки од Владата да ги користат услугите на Пошта. Целта на оваа владина одлука е да се подобри финансиското работење на овие државно претпријатие
Сите државни институции добија задолжение за своите потребни да ги користат услугите на АД Пошта на Северна Македонија, а не на други оператори.
Задолжението го издаде Владата на денешната седница, а е со цел да се подобри финансиското работење на Пошта.
Одлуката, како што велат од владината прес-служба, е согласно веќе направените измени со кои се одолжи либерализацијата на поштенските услуги до 31 декември 2023 година, што досега повеќе пати се пролонгираше.
За локалната власт, пак, нема задолженија туку само препораки.
„Владата им препорача и на сите општини и Град Скопје да ги користат услугите на АД Пошта на Република Северна Македонија“,
велат од владината прес-служба.
Кога станува збор за финансиското работење на Пошта досега јавноста сведочеше на штрајкови од вработените поради доцнење на платите, од кои последен пат тие имаа предупредувачки прекин на работата пред десетина дена.
Од владата, пак, веќе подолг период размислуваат за реформа на Пошта, при што како една од опциите се споменуваше и модел на јавно-приватно партнерство.
„Јас не сум склон секогаш продажба и приватизација. Има други модели, модели на јавно-приватно партнерство коишто ние не сме ги испробале доволно во нашата земја, а можат да го дадат истиот ефект. Сметам дека во Македонски пошти пристапот е многу јасен: Треба да поставите добар менаџмент и волја од сите страни и да признаеме дека ваков модел не генерира добар резултат. Дури имаше еден убав прилог ден пред да почне предупредувачкиот протест. Кога ќе добиете во Град Скопје писмо или пратка после шест до седум дена тоа укажува колку е ефикасно и затоа луѓето не се склони да ја користат таа услуга кога има подобри и поефикасни начини на дистрибуција. Мора се свестиме дека на работа се оди да се работи и да се испорача услуга“,
рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во еден од неговите последни јавни настапи.