За тоа дека сега услугите не се на задоволително ниво, тој како пример ја посочи и сторијата на „360 степени“ во која го тестиравме квалитетот на услугите на „Пошта“ односно за колку време ќе стигнат пратките до различни градови и дали ќе се достават на врата
Решението за „Пошта“, сите треба да сме свесни, ќе биде во целосно реконструирање на бизнис моделот, порача вечерва вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 коментирајќи ги состојбите во ова АД „Пошта на Северна Македонија“.
За предупредувачкиот протест на вработените кои бараат да им се исплати платата, тој рече дека тоа редовно се случува.
„Тоа ни се случува редовно. Сите јавни претпријатија скоро, којшто треба да испорачаат услуги кон граѓаните, во неможност подолг временски период да испорачаат соодветни услуги ќе имаат и намалени приходи. Ние со Македонски пошти веќе подолг период се обидуваме да направиме реконструирање на работењето“,
рече вицепремиерот.
Еден таков обид за реконструирање на работата, наведе тој, имало на почетокот на годината кога се направила нова систематизација со која се пополнуваат работните места што вистински испорачуваат услуги кон граѓаните наспроти тие што не испорачуваат или се поддршка, администрација.
„Но, тоа не е доволно и тој процес ќе биде малце подолгорочен. Ќе видиме, зборуваме со менаџментот, тие имаат ликвиден проблем во овој момент, но се обидуваме да го најдеме на централно ниво затоа што одговорноста е на централно ниво. Таму решението, сите треба да сме свесни, ќе биде во целосно реконструирање на бизнис моделот“,
рече Битиќи.
На прашањето дали се размислува за продажба на „Пошта“, вицепремиерот рече дека не е склон кон приватизација, но посочи дека има други модели како што е јавно-приватно партнерство кои можат да дадат ефект. За тоа дека сега услугите не се на задоволително ниво, тој како пример ја посочи и сторијата на „360 степени“ во која го тестиравме квалитетот на услугите на „Пошта“ односно за колку време ќе стигнат пратките до различни градови и дали ќе се достават на врата.
„Јас не сум склон секогаш продажба и приватизација. Има други модели, модели на јавно-приватно партнерство коишто ние не сме ги испробале доволно во нашата земја, а можат да го дадат истиот ефект. Сметам дека во Македонски пошти пристапот е многу јасен: Треба да поставите добар менаџмент и волја од сите страни и да признаеме дека ваков модел не генерира добар резултат. Дури имаше еден убав прилог ден пред да почне предупредувачкиот протест. Кога ќе добиете во Град Скопје писмо или пратка после шест до седум дена тоа укажува колку е ефикасно и затоа луѓето не се склони да ја користат таа услуга кога има подобри и поефикасни начини на дистрибуција. Мора се свестиме дека на работа се оди да се работи и да се испорача услуга“,
рече Битиќи.