Денеска можам да најавам дека одредени средства што ги доби ЕСМ од страна на Владата ќе ги врати во буџетот на државата, што значи дека не се потрошени сите средства, рече министерот за економија посочувајќи дека ова се должи на домаќинското работење на компанијата. Овие дополнителни средства ќе направат простор Владата да може да дизајнира нови мерки
Дел од средствата што „Електрани на Северна Македонија“ ги добија како помош од Владата за време на енергетската криза не се потрошени и ќе бидат вратени во буџетот на државата, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Ова, како што истакна тој, се должи на домаќинското работење на компанијата во државна сопственост и зголеменото домашно производство на електрична енергија во јануари и февруари.
Министерот најави дека наредните денови ЕСМ ќе го достават до Владата финансискиот извештај за своето работење во текот на минатата година, по што ќе се донесе одлуката за враќање на средствата во државниот буџет.
„Денеска имаме ликвидна ЕСМ после неколку месеци. Ќе имате можност во текот на оваа недела или почетокот на наредната да ги видите резултатите што ЕСМ ги постигна претходната година иако имаше директна помош од страна на Владата. Од денеска можам да најавам дека одредени средства кои ги доби ЕСМ од страна на Владата ќе ги врати во буџетот на државата што значи дека не се потрошени сите средства“,
рече Бектеши.
Овие дополнителни средства ќе направат простор за Владата да може да дизајнира нови мерки, посочи Бектеши.
Одговарајќи на новинарско прашањето во врска со оваа тема, министерот за економија рече дека не е важно кога ќе се враќаат средствата, туку тоа што ЕСМ успеале да ги заштедат и истовремено да го зголемат производството.
„Важно е дека иако беа дадени средства на ЕСМ тие го направија спротивното, не ги користеа средствата директно, го зголемија производството во јануари и во февруари и сега има простор тие средства да ги вратат во буџетот, а ние како одговорна влада да ги пренасочиме кон граѓаните, особено кон тие што имаат најголема потреба“,
истакна министерот за економија.