Според најавата на УХМР, под влијание на топла воздушна маса, во текот на викендот и на почетокот на следната седмица, температурите ќе достигнат и до 39 степени
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска најавува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локална појава на нестабилност проследена со дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.

Според најавата, минималните температури ќе се движат во интервал од 14 до 20 Целзиусови степени, додека максималните ќе се искачат од 28 до 37 степени.
Времето во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, а во делови од котлината ќе се развијат услови за локална нестабилност проследена со дожд, грмежи и засилен ветер. Температурите во главниот град ќе се движат од минимални 19 до максимални 36 степени.
Според најавата на УХМР, во текот на викендот и на почетокот на следната седмица, под влијание на топла воздушна маса, времето ќе биде сончево и топло со температури кои на места ќе достигнат и до 39 степени. Во вторник ќе се задржи топлото време, но со зголемување на облачноста и услови за пороен дожд, а в среда се очекува мал пад на температурите.
