Раководството на „Дрисла“ и градските власти одлучиле да ја одложат изградбата на линија за производство на РДФ-отпад, кој компаниите го користат како алтернативно гориво. Причина за тоа е високата цена од 20 милиони евра и поприоритетните проекти што треба да ги реализира депонијата.
Директорот Коста Начевски вели дека првата задача му е изведба на линија за собирање на депонискиот гас, негова преработка и производство на електрична енергија.
„Според проценките, со неа ќе произведуваме околу 3 мегават-часови електрична енергија. Таа ќе придонесе ‘Дрисла’ да стане ликвидна, но што е многу поважно, ќе произведуваме т.н. зелена струја“,
изјави Начевски за „Слободна ТВ“.
Освен овој проект, во план е во што покуси рокови да се стави во функција линија за сепарација, односно за секундарна селекција на отпад која во голема мера би придонела за обработка на ПЕТ-амбалажата, од која на годишно ниво се собираат 7 илјади тони.
„Дрисла“ ќе има и своја пречистителна станица која ќе ги третира отпадните води и останатите течности кои излегуваат од депонијата.
Начевски тврди дека инцелераторот е во функција и има капацитет од 3 илјади килограми дневно, додека набавката на стерилизатор е во завршна фаза и според неговите проценки тој ќе почне да работи кон средината на април.
Директорот на „Дрисла“ ги уверува граѓаните дека депонијата ќе стане вистинска санитарна депонија, по европски стандарди и дека таа повеќе нема да биде причина за загадување на воздухот во Скопје.
„Се договоривме со ФИНКИ, од кого ја изнајмуваме мерната станица, таа да биде поврзан со апликацијата ‘Мој воздух’ за граѓаните во секој момент да имаат увид во состојбата“,
вели Начевски.
Во однос на третманот на медицинскиот отпад тој тврди дека во „Дрисла“ се почитуваат сите строги протоколи, а уште двајца управители со отпад прават дополнителна контрола.
Депонијата „Дрисла“ по 9-годишна концесија на италијанската фирма „ФЦЛ амбиенте“ на 20 јануари е вратена во владение на Град Скопје.
Одлуката „Дрисла“ да стане повторно јавно претпријатие Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов ја донесе на 17 јули 2019 година, но поради законски пречки нејзиното преземање доцнеше. Дури со промената на Законот за јавни претпријатија со кој се овозможува трансформација од приватно во јавно претпријатие која Собранието ја изгласа на 28 декември минатата година, Централниот регистар ја впиша во сопственост на Градот.