Контроверзните инфлуенсери, браќата Ендрју и Тристан Тејт се приведени заедно во Мајами, Флорида, во драматична акција на американските маршали. Апсењето е извршено врз основа на запечатен налог, како дел од итна постапка за екстрадиција по барање на Велика Британија. Оваа координирана меѓународна операција означува нов, досега најтежок удар за браќата, кои се соочуваат со дополнителни 38 нови обвиненија за тешки сексуални деликти и трговија со луѓе во Обединетото Кралство.
Според официјалното соопштение на обвинителството, новите докази обезбедени од полицијата во Бедфордшир и Хертфордшир го проширија кругот на жртви на вкупно седум лица. Наводните кривични дела се случувале во периодот меѓу јули 2010 и август 2017 година. Најголем дел од новите обвиненија се за Ендрју кој освен актуелните 42 обвиненија се соочува и со седум нови дела за силување, три обвиненија за организирање или олеснување на трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација, три дела кои се однесуваат на нанесување тешки телесни повреди, како и 19 дополнителни обвиненија за поседување непристојни слики од деца и екстремна порнографија. Неговиот помал брат Тејт кој досега има 17 обвиненија дополнително се сомничи за сексуален напад, две силовања и три точки за организирање трговија со луѓе за сексуална експлоатација.
„Нема место за насилството врз жени и девојчиња“, изјави помошник-началникот Карена Томас од полицијата во Бедфордшир, нагласувајќи ја комплексноста на оваа меѓународна истрага.
Одбраната на браќата Тејт експресно реагираше, отфрлајќи ги сите обвиненија како неосновани и монтирани. Нивниот заеднички американски адвокат, Џозеф Мекбрајд, во писмена изјава за медиумите го нарече апсењето „политички атентат“. Правниот тим тврди дека новите британски обвиненија се фабрикувани со цел да се саботираат тужбите за клевета кои браќата ги покренаа во САД против лицата кои ги тужат. Нивниот адвокатски тим веќе најави жестока правна битка со жалби до сојузните судови во САД. Во ваков случај, екстрадицијата може да се пролонгира на 6 месеци до повеќе од 2 години. Дополнителен проблем е што романските судови веќе имаат одобрено екстрадиција за браќата во Велика Британија, но со услов – прво да заврши нивното судење во Букурешт. Бидејќи тие пребегаа во САД, сега американскиот судија ќе мора да одлучи дали ќе ги испорача директно на Лондон или во целата процедура ќе мора да се вклучат и романските власти.

Се очекува на почетокот на неделата да бидат изведени пред Окружниот суд на САД за Јужниот округ на Флорида, каде судијата формално ќе ги започне сослушувањата, додека тие се наоѓаат зад решетки – исто како при нивното прво апсење во Букурешт во 2022 година.
Апсењето во Мајами доаѓа по низа правни маневри на браќата Тејт. Откако во декември 2022 година беа уапсени во Букурешт, Романија, под слични обвиненија за организиран криминал и трговија со луѓе, тие поминаа долг период во притвор и во куќен притвор. Меѓутоа, откако романскиот суд им ги укина рестрикциите за патување, браќата на почетокот на 2025 година веднаш заминаа за Флорида, САД.
Нивното пристигнување во САД не помина мирно. Тие веднаш станаа предмет на нова истрага од страна на обвинителството на Флорида. И покрај тоа, Ендру Тејт продолжуваше да води луксузен начин на живот, а непосредно пред заедничкото апсење во саботата навечер, тој беше најавен како ко-водител на настан за боречки вештини во центарот на Мајами.
Дигиталниот свет буквално експлодираше по веста за нивното приведување. Со оглед на тоа што Ендру Тејт изгради милионска империја базирана на предавања за „машка доминација“, брзи пари и екстремен начин на живот, реакцијата на неговата публика е поделена на два радикални табора од кои едните се неговите лојајални фанови а од другата страна, активистките и организациите кои се борат против насилството врз жените.
Нивните подржувачи на платформите како X и Рамбл, каде што браќата се најактивни, веднаш ја активираа теоријата на заговор за т.н. „Матрикс“ тврдејќи дека елитите се обидуваат да ги замолчат браќата бидејќи „ја зборувале вистината“ и ги учеле младите мажи како да бидат силни и независни. Масовно се споделуваат хаштагови за нивно ослободување. Противниците пак кои се најактивни на платформите ТикТок и Инстаграм бараат максимална казна за браќата. Според нив, новите обвиненија од Велика Британија, особено оние поврзани со непристојни слики од деца, ја преминаа секоја граница и дека нивната заедница веќе не може да ги брани со аргументи за „слобода на говор“.
