По локалните избори во 2013 година и поразот што го доживеа од тогашната противкандидатка од ДУИ, Сади Беџети се повлече од политичкиот живот – се до денеска, кога објави дека сака уште еднаш да се испроба во градоначалничката трка
Можен е нов дуел за Тетово меѓу Сади Беџети од ДПА и Теута Арифи од ДУИ, на локалните избори на крајот на октомври, откако партијата на Мендух Тачи денеска го промовираше како кандидат поранешниот градоначалник на оваа општина, додека актуелната градоначалничка изјави пред извесно време дека би прифатила трета кандидатура, ако така процени нејзинта партија.
ДПА денеска, на прес-конференција, го претстави Беџети како кандидат за градоначалник на Тетово – функција што тој ја извршуваше до 2013, откако на локалните избори во 2009 година го победи тогашниот градоначалник од ДУИ Хазби Лика.
По локалните избори во 2013 година и поразот што го доживеа од тогашната противкандидатка од ДУИ Арифи, која е се уште на чело на Тетово, Беџети се повлече од политичкиот живот. Тој изјави денеска дека, овие години држел предавања како професор во Приштина и Тетово и дека сега сака уште еднаш да се испроба за градоначалник и да види, како што рече, дали била реална победата на досегашната градоначалничка.
„Го гледам градот во овие два мандати. Јас изгубив и сакам да пробам уште еднаш да видам дали била вистинска таа победа на оваа градоначалничка што е сега. Претпоставувам дека сум работел подобро од неа. Треба повеќе да се ангажираме околу градот и да биде поголема помошта од централната власт. Осум години не е ништо направено. Очекувам поддршка од граѓаните на Тетово, сите што ме сретнале ме бараат. Јас сум градски човек, и ми викаат сите и претседателот на ДПА ми предложи ајде уште еднаш да пробаме“,
рече Беџети.
Претседателот на ДПА Мендух Тачи смета дека има простор Беџети да добие поддршка од сите партии, освен од ДУИ.
„Најголем град на Албанците, а не функционира ништо – од култура па до паркинзи. Организираниот криминал и овие градби не овозможуваат да имаме странски инвестиции. Беџети го знае градот, секое маало и ќе инсистира уште еднаш да се врати за да се подобри начинот на живот во Тетово. Кандидатот не е против никого туку за сите. Планот е да имаме поддршка од сите политички партии. Оваа е можеби единствената прес-конференција што ќе ја одржи заедно со ДПА. Овој кандидат не е само на ДПА, туку на граѓаните. Еднаш засекогаш, градоначалниците да бидат добри менаџери, а не луѓе со партиски набој. Ќе инвестираме во самостојна кампања на Беџети, затоа што е човек што ги знае работите“,
истакна Тачи.
Беџети (64) е професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тетово, каде што беше и ректор, пред да биде избран за градоначалник во 2009 година.
Досегашната градоначалника од редовите на ДУИ, пак, не исклучува можност за трета кандидатура за оваа функција на изборите што претстојат.
Откако во 2013 година го победи Беџети, таа извојува победа и на последните локални избори, во 2017 година, кога нејзин главен противкандидат во градоначалничката трка беше лидерот на Беса Билал Касами – тогашен опозиционер, а сега коалициски партнер на СДСМ и на ДУИ во Владата, слично како и ДПА. За разлика од Мендух Тачи кој постизборно се приклучи кон парламентарното мнозинство, Билал Касами настапи во коалиција со СДСМ на ланските предвремени парламентарни избори.