Предлогот за укинувањето на мерката од Министерството за економија го оправдуваат со анализите според кои од компаниите што користеа субвенционирана електрична енергија од „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават-час, нема намалување на цените на основните прехранбени производи
На компаниите од прехранбената индустрија што користат субвенционирана струја ќе им биде укината мерката доколку Владата го прифати предлогот што денеска е испратен од Министерството за економија.
Предлогот за укинувањето на мерката од Министерството за економија го оправдуваат со анализите според кои од компаниите што користеа субвенционирана електрична енергија од „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават-час, нема намалување на цените на основните прехранбени производи.
„Врз основа на податоците од Државниот пазарен инспекторат, предлогот на Министерството за економија до Владата е мерката да се укине за сите компании од прехранбениот сектор“,
се наведува во соопштението од Министерството за економија.
Мерката за субвенционирана електрична енергија од 80 евра по мегават-час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи важеше од 1 декември 2022 до 30 април 2023 година.
Мерката се однесуваше на компаниите кои што произведуваат производи – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Целта на оваа мерка беше компаниите од прехранбениот сектор да ги намалат цените на основните прехранбени производи.
Министерот за економија најавуваше дека од 1 декември треба да ги видиме резултатите на пазарот од коригираните цени на основните прехранбени производи, а во следните четири месеци, додека трае кризната состојба, се очекува врз основа на постојани пресметки на трошоци од увозните цени на храна и субвенционирани цени на електричната енергија, како и стабилизација на берзански цени, кои веќе се во мирување да продолжи намалувањето на цените на основните прехранбени производи посебно на тие производи кои се наведени во одлуката на Владата.
Но, бидејќи не дојде до намалувањето на цените на основните производи кое беше очекувано, и премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека без субвенционирана цена на електричната енергија ќе останат компаниите од прехранбениот сектор што не ги намалиле цените на основните прехранбени производи.
Субвенционирано снабдување со електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ почна од 1 декември минатата година за пријавените и прифатени физички и правни лица регистрирани за вршење приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија, по шифри опфатени во одлуката на Владата.
„ЕСМ продажба“, по истата одлука, со субвенционирана струја снабдува и јавни основни и средни училишта, како и водостопански и комунални претпријатија кои работат со пумпни или пречистителни станици.