Филипче информира и дека се слободни половина од капацитетите на Клиниката за инфективни болести, додека болницата „8 Септември“ е подготвена да прифати пациенти кои се ковид-позитивни, а на кои им се потребни други здравствени услуги
Досега нема заболени од ковид-19 меѓу луѓето кои се сместени во карантин, информира министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека во овој момент не смее да се дозволи стигматизација. Тоа се, рече, здрави луѓе кои мора да го поминат периодот од 14 дена во самоизолација.
„Ова се времиња и ситуации во кои не треба никој да биде стигматизиран. Ниту заболените, а најмалку луѓето кои се во карантин. Тие луѓе се здрави, а тоа е модел што не штити сите нас. Тоа е модел што мораме да го поддржиме. Тие луѓе се сместени во сосема добри услови . Тие се прегледани од интернист и инфектолог и досега нема ниту еден заболен од ковид-19“. Има четири или пет лица, кои имаа настинка и се тестирани на коронавирус, ама се негативни“,
рече Филипче.
Тие граѓани, нагласи Филипче, не претставуваат никаква опасност ниту за непосредната окоина, ниту за градовите во кои се сместени.
Министерот посочи и дека вчера дијагностицираниот пациент во болницата „8 Септември“е префрлен на Инфективната клиника. Во „8 Септември нема засега пациенти со коронавирус, ама болницата е подготвена да прими пациент за друга здравствена услуга доколку е ковид-позитивен. Исто така, рече Филипче, се уште има сосема солиден капацитет, повеќе од половина слободни кревети, на Клиниката за инфективни болести.
Од утре, информира Филипче, почнува со организација и Клиниката за кожни болести. Веќе функционира системот на амбуланти, кординиран со „Мој термин“. Исто така, рече дека утре ќе бидат завршени сите тестови во Завод за рехабилитација „Козле“, по што ќе информира како ќе продолжи да функционира оваа установа.
Подготвен е теренот за мобилната болница
Веќе е подготвен теренот до Клиниката за инфективни болести, во кругот на Клиничкиот центар, каде што Армијата ќе ја постави мобилната болница, со капацитет од околу 130 кревети. Со тоа ќе де дуплира капацитетот на Инфективната клиника, која, пак, ќе биде поврзана со модуларната мобилна болница со сув ходник. Со тоа, рече министерот за здравство, ќе се искористи експертизата на инфектолзите, со дополнителна поддршка на персонал од другите клиники. Ваквиот начин на надополнување, рече Филипче, е идеален доколку се наметне потреба од третирање повеќе пациенти во исто време.
Ќе биде објавена листата на донатори
Министерот Филипче, на денешната прес-конференција, изрази благодарност до сите субјекти кои досега дале донации за Министерството за здравство за справување со коронвирусот., во парични срества или во медицински материјали, за што беше отворена посебна сметка. Листата на донатори, рече Филипче, со нивна согласност, ќе биде објавена јавно во следните денови. Исто така, ќе биде објавена и донациската сметка.