Граѓаните кои живеат во станбени објекти со домашни миленичиња (кучиња), ќе можат да ги изнесат пред зграда за време на најдолгиот полициски час во цела држава, кој по примерот на Куманово, ќе започне во 16 часот во петок и ќе трае до понеделник, до 5 наутро.
„Во деновите сабота и недела, дозволено е изнесување на милениците наутро од 8:00 часот до 8:30 часот, попладне од 15:00 часот до 15:30 часот и во вечерните часови од 20:00 часот до 20:30 часот. Дозволата се однесува за растојание најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат“,
соопшти Владата.
Од понеделник до петок, милениците да се изнесуваат надвор од своите домови, во вечерните часови во времетраење од 30 минути, почнувајќи од 20:00 часот до 20:30 часот, порача Владата.
Од граѓаните се бара да го задржат минимум потребното растојание од останатите лица и да не се групираат.
Владата денеска соопшти дека ги заострува мерките како превенција од ширење на коронавирусот. Во работните денови, од среда, полицискиот час за целото население ќе започне од 16 часот (наместо од 21, како што беше досега во работните денови). За време на викенд, забраната за движење е целодневна.

За лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот.
За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот.
Според одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.