Докторот вели дека од пред Деканатот на Медицинскиот факултет заминува со крената глава бидејќи успеал да укаже на неправдата со која се соочуваат медицинските лица кои немаат славно име, поддршка или, како во неговиот случај, имаат многу години
По шест дена штрајк со глад, докторот и приватен специјализант Дарко Василевски синоќа објави дека заминува од пред Деканатот на Медицинскиот факултет со благо нарушено здравје, но со крената глава. Тој во објава на Фејсбук вели дека го прекинува штрајкот бидејќи по краткиот разговор со деканот на Медицински факултет во текот на вчерашниот ден сфатил дека, како што вели, како Дон Кихот се бори со ветерници.

„Сфатив дека имам преголеми очекувања од институциите. За скоро една недела, скоро никој не се одважи да ме праша како сум, да побара решение или да ми понуди конкретен разговор. Дури и од колегите лекари, од кои очекував ако не поддршка, барем некој охрабрувачки збор, бев претставен како неработник, тие изнесоа мои лични податоци јавно во обид да ме дискредитираат. Ви благодарам за сите наведнати глави“,
напиша доктор Василевски на Фејсбук.
Вели дека заминува со крената глава бидејќи успеал да укаже на неправдата со која се соочуваат медицинските лица кои немаат славно име, поддршка или, како во неговиот случај, имаат многу години.
„Се надевам дека овој мој потег ќе биде поттик во иднина да се зборува многу повеќе и многу погласно. Во ниеден момент не жалам што кренав глас, што сам пробав да се изборам за себе, што се обидов да ставам крај на неправдите. Се надевав дека мојот случај ќе биде лекција како не треба во иднина, дека треба секому да се даде шанса, праведна, а не да се бројат години или да се влечат врски“,
додава докторот.
Тој им заблагодари на сите за поддршката и порача дека и понатаму ќе продолжи да живее за медицината, да се надградува, едуцира, усовршува и да остане посветен лекар.
Во отворено писмо до Министерството за здравство, до Деканатот на Медицинскиот факултет – Скопје и до МОН, лекарот и приватен специјализант Дарко Василевски кон средината на септември најави дека ќе штрајкува со глад откако по третпат бил одбиен на јавен оглас за вработување на Медицинскиот факултет во Скопје, кој според него е спроведен нетранспарентно. Обвини дека бил дискриминиран поради неговата возраст.
Од Медицинскиот факултет реагираа дека докторот Дарко Василевски не бил доведен во понеповолна положба од другите кандидати во ниту една фаза од постапката за вработување и дека постапката била спроведена целосно транспарентно. Оттаму посочија и дека Василевски бил уредно известен за исходот од постапката, односно за изборот на кандидатите на конкурсот. Во оваа смисла, додадоа дека доколку кандидатот смета оти му е ускратено некое право од постапката за вработување, своите права може да ги оствари пред надлежните институции.
