Оттаму нагласија дека „СДС се прават дека ништо не знаат, за ништо не се виновни, како да се паднати од Марс и за промената на имињата на улиците од 2021 година“
Ако СДСМ и ДУИ не знаеле за посетата на косовскиот премиер Албин Курти, тогаш кој дал дозвола за негово полициско обезбедување, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ откако од кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски нагласија дека посетата на Курти била приватна.
„Дали доколку Албин Курти бил на приватна посета во Македонија му следи целосно обезбедување од МВР. Спасовски да одговори по кој основ и му е доделено полициска заштита во приватна посета и кој ќе ги плати трошците за ангажирање на службени лица од МВР“,
прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму нагласија дека „СДС се прават дека ништо не знаат, за ништо не се виновни, како да се паднати од Марс и за промената на имињата на улиците од 2021 година“.
„Едногласно и шверцерски СДС и ДУИ во март 2021 година променија околу 500 имиња на улици, мостови и други објекти во Скопје, меѓу кои и улицата ‘Втора македонска ударна бригада’ во ‘Адем Демачи’. Без никаква поврзаност со историјата на државата, ниту, пак, некаква поврзаност со Скопје има Демачи, напротив тој е познат по националистичките сфаќања за туѓи држави. Немајќи реални проекти за граѓаните, секојдневниот криминал и кражба на државата, ДУИ и СДС го покриваат и дефокусираат со националистичка агенда“,
се додава во соопштението на најголемата опозициска партија.
Од кабинетот на Ковачевски вчера испратија соопштение во кое ја осудија завчерашната манифестација во Тетово на која се вееше знаме на „голема Албанија“, организирана од тамошниот градоначалник Билал Касами, а на која присуствуваше косовскиот премиер. Од кабинетот на Ковачевски истакнаа дека е недозволиво да се веат знамиња кои не се државни и да не се интонира македонската химна.
Дополнително, иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето одлуки кои ја засегаат општината, сепак, кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улицата која го носи името на херојската „Втора македонска бригада“, беше додадено во соопштението.
Премиерот на Косово, Албин Курти, кој завчера беше во неофицијална посета на земјава, пред да замине во Тетово, присуствуваше на преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“ во Општина Чаир.