Во секторите за внатрешни работи во Скопје, Битола и Тетово досега е пријавено дека на електронските адреси на едно училиште во Битола, две во Тетово и седум училишта во Скопје се упатени закани за поставени експлозивни направи, информираат од МВР

Дојави за поставени експлозивни направи денеска се стигнати до основни и средни училишта во Скопје, Тетово и Битола. По дојавите од страна на полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите.
Училиштата на своите електронски адреси добиле закани дека во нивните објекти има поставено експлозивни направи. Како што дознава „360 степени“ дел од училиштата во Скопје се „Орце Николов“ и „Никола Карев“, а во Битола станува збор за основните училишта „Стив Наумов” и „Тодор Ангелевски”.
„Во секторите за внатрешни работи во Скопје, Битола и Тетово досега e пријавено дека на електронските адреси на едно училиште во Битола, две во Тетово и седум училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа“,
информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Овие дојави за поставени бомби доаѓаат по два дена пауза. Последен пат имаше дојави во петокот, а од МВР информираа дека 19 училишта добиле закани на своите електронски адреси.
Полицијата во петокот поднесе кривична пријава за малолетник кој двапати испратил дојави за бомби во училиштата во Кавадарци. Тој е обвинет за сторено кривично дело тероризам.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) утре треба да реферира пред собраниската Комисија за надзор над работата на безбедносните служби за активностите што ги презела во врска со континуираните дојави за поставени бомби, чија цел подолг период во земјава се училишта, трговски центри и други објекти со голема фреквенција на луѓе.